Ајде да видиме…
Сте виделе ли некогаш колибри? Тоа е најмалата птица на светот – но со најголемо срце! Иако е малечко како прст, ова слатко суштество лета толку брзо и лесно, што изгледа како да танцува во воздухот. Колибрито не само што е прекрасно и шарено туку и многу посебно – токму затоа децата низ целиот свет го обожаваат.
Малечко, но моќно!
Колибрито може да лета наназад, да стои во место како хеликоптер и да посети и до 1.000 цвеќиња на ден! Замислете само колку енергично и љубопитно е ова мало суштество – токму како децата!
Инспирација за цртање и учење
Многу ученици сакаат да го цртаат колибрито поради неговите живописни бои. Во наставата по ликовно, оваа птица често се користи како тема за креативни проекти. А по природни науки, учениците учат како таа пие нектар, колку брзо мрднува со крилјата (до 80 пати во секунда!) и зошто е важна за екосистемот.
Што велат децата?
Прашавме неколкумина ученици зошто го сакаат колибрито и, еве, што ни одговорија:
„Многу е слатко и има шарени бои, ми изгледа како нешто од бајка!“, Ана, четврто одделение.
„Ме фасцинира што лета во место. Сакам да научам како го прави тоа “, Дарио, петто одделение.
„Мене ми изгледа како суперјунак меѓу птиците!“, Сара, трето одделение.
Симбол на радост и љубопитност
Колибрито често се поврзува со среќа, надеж и истражување – вредности што ги негуваме и во нашето училиште. Затоа не е чудно што токму оваа мала птица е голем фаворит кај децата.
Драги ученици, ако сакате да нацртате свое колибри или да напишете приказна или песна за него – испратете ни ги за следниот број на вашиот омилен придружник во летото „Колибри“!