Најстариот македонски детски фестивал „Златно славејче“ годинава слави 55 години постоење. Исто како и лани, фестивалот ќе се одржи во Македонскиот народен театар на 15 и 22 ноември. Планирани се шест претстави во текот на двата дена, од 10, 14 и од 17 часот, како и неколку изненадувања по повод јубилејот на фестивалот со кој израснаа многу генерации.
– Водителка ќе биде Марија Јанчевска, која е поранешно славејче. И годинава ќе се испеат 15 нови детски песни и ќе има гости од Србија, Црна Гора, Австрија, Романија, Бугарија и од Албанија. Ќе има и роденденски спот – најавува Бобан Јосифовски, директорот на фестивалот.
„Златно славејче “ е основано во ноември 1970 година од неколкумина членови на Советот за грижа и воспитување на децата на Град Скопје: композиторот Александар Џамбазов, кој долги години беше уметнички директор на фестивалот, поетот Васил Пујовски и Благоја Јордановски, кој во тоа време бил секретар на Советот. Првото издание се одржа на 23 мај 1971 година во Драмскиот театар во Скопје. Беа испеани 25 детски песни, а меѓу учесниците беа и Игор Џамбазов и Благој Маротов.
По затворањето на Универзалната сала, фестивалот се одржуваше во салата СЦ „Борис Трајковски“ и во Македонска филхармонија. М.Т. 
            

































