На нашиот вечен учител
Беше кроток во одот кон сводот,
и уште покроток во зборот,
а зборот му тежи повеќе од злато,
беше топол ко лебот насушен
штотуку изваден од пламен,
беше вулкан во Азбуката
на нашиот земен живот,
беше веда во песната своја,
беше корен во коренот наш,
беше мисла што се коти,
поцврста од кремен-камен.
И, уште беше на страдањата – лек,
остана патоводна ѕвезда
на нашиот минат и иден век,
беше скала со која се качивме
до небесата сини и тајни,
беше трајно семе на племе,
јунаци што раѓа незнајни,
беше искра во вивнат оган,
застанат на пусија и стража
што нѐ чува од душман поган.
А, ние си го знаеме долгот
та се браниме и храниме
секогаш со твоето вечно име,
беше и остана вековна каријатида
што ја потпира нашата родина,
нашата куќа – Македонија,
ти си наш траен светилник
и бескрајна совест човекова.
Ни остави аманет – мајковина:
„Јазикот е нашата татковина“.
Мишо Китаноски