Проектот „Нишки како воздишки“ реализиран со ученици од шесто, осмо и деветто одделение во ООУ„Војдан Чернодрински“ – Скопје
Во кафе-галеријата „Концепт 37“ минатиот понеделник беше отворена изложба и промовиран проектот „Нишки како воздишки“. Специјални гости беа: Чие Нагашима и Атсуши Кобајаши, лектори по јапонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, кои изведоа чајна церемонија.
Проектот „Нишки како воздишки“ е посветен на дел од јапонската култура и е реализиран по избор на учесниците – ученици од шесто, осмо и деветто одделение во ООУ„Војдан Чернодрински“ во Скопје, членови на клубот „Млади библиотекари“. Овој проект е резултат на доброволното учество на учениците во него и нивната желба за нови знаења, сознанија, увиди, предизвици и поместување на сопствените граници.
Во периодот од 1 март до 28 мај годинава, во училишната библиотека, под менторство на Дијана Петкова, стручна соработничка – библиотекарка, во училишната библиотека беа изработени четириесет и пет работилници, а учесниците одговорија на шест предизвика.
– Проектот „Нишки како воздишки“ е реализиран со целосна поддршка од директорката на училиштето и во соработка со наставниот кадар. Учесниците се запознаа со кратките книжевни форми хаику, хаига и хаибун, користејќи креативна визуализација, сликаа енсо-круг, правеа суши, гомасио, мини зен градина и го најдоа своето икигаи – вредноста на живеењето, минувајќи низ еден творечко-трансформативен процес, кој сите нè поврза духовно и интелектуално – вели Дијана Петкова.
Секој ученик што беше дел од проектот ја доби на подарок книгата „Нишки како воздишки“.
Според Дијана Петкова, реализацијата на овој проект е резултат на доброволното учество на учениците во него и нивната желба за нови знаења, сознанија, увиди, предизвици и поместување на сопствените граници.
– Будење на свеста кај младите за јакнење на врската помеѓу индивидуата и нејзината внатрешна тишина преку кратките јапонски книжевни форми, преку сликањето енсо-круг како духовна практика и ликовна форма на изразување и сето тоа инспирирано од друга култура, од што ќе се доразвие чувството за убавото и едноставното во самата индивидуа – посочува Петкова.
Фото: Библиотека ООУ „Војдан Чернодрински“ – Скопје