Важноста на овошјето и на зеленчукот за правилно и здраво растење (3)

Со цел да им помогнеме на родителите, децата, воспитувачите и на наставниците, во три продолженија во „Колибри“ презентираме совети од нутриционистката Елена Рајкоска. Таа е сертифицирана за нутритивна терапија кај невродивергентни состојби и селективен апетит. Во денешното трето и последно продолжение бараме начини како да се поттикнат децата да јадат повеќе овошје и зеленчук.
– Во последната деценија, податоците покажуваат јасен и загрижувачки тренд – глобално, децата консумираат сè помалку овошје и зеленчук од препорачаното ниво. Истражувањата на Светската здравствена организација укажуваат дека повеќе од половина од децата во предучилишна возраст не внесуваат свеж зеленчук секојдневно, а дури третина не внесуваат ниту едно парче овошје во текот на денот. Овој тренд не е случаен – тој ја одразува современата култура на брз оброк, инстант храна и визуелно привлечни, но нутритивно сиромашни производи – вели нутриционистката Елена Рајкоска.
Светските стратегии денес се движат во насока на враќање на детето во контакт со храната.

– Децата не реагираат на забрани или „здрави совети“, туку на искуство, контекст и учество. Во земјите со најуспешни резултати, како Норвешка, Јапонија и Финска, пристапот не се темели на „обврска да се јаде здраво“, туку на создавање култура на храна – храната како дел од секојдневниот ритуал, образование и радост, не како задача – подвлекува Рајкоска.
Во нутриционистички контекст, ова е прашање на невроразвој и микробиомска
стабилност. Храната што детето ја „допира“, ја избира и ја гледа како своја – станува сигнал на доверба. Така, враќањето на детето во процесот на храна не е само образовна мерка туку и терапевтски пристап што ја обновува поврзаноста меѓу сензориката, апетитот и неврохемијата.
– Современиот тренд во науката и нутриционистичката пракса е јасен: да се оддалечиме од поимот „детето мора да јаде овошје и зеленчук“ и да се приближиме кон „детето мора да има однос со храната“. Само така внесувањето храна станува природно, стабилно и долготрајно – порачува нутриционистката Елена Рајкоска. Ф.Д.


Модели што даваат резултати

Интеракција и избор: кога децата се вклучени во приготвувањето – миење, сечење, комбинирање на овошјето и зеленчукот – прифаќањето расте и до 80 отсто. Контактот ја урива непознатоста.
Семејни оброци: се зголемува веројатноста детето да внесе барем една дополнителна порција свежа храна.
Изложеност без притисок: кај детето се потребни 10–15 повторени изложувања на нова намирница пред да ја прифати.
Педагошка интервенција: во училиштата и градинките, каде што храната се вклучува во образовниот процес – преку градинарство, цртање, разговор за вкусови – се забележува долгорочен пораст на внесувањето растителна храна.