Минатата седмица започна реализацијата на проектот „Зборови, цртежи, песна“, како дел од манифестацијата „Цртај на македонски јазик“.
Првиот настан се одржа во ОУ,,Гоце Делчев“ во Ресен, каде што работи авторката на проектот Марија Груевска, која патем е наставничка по англиски јазик, но голема поборничка за создавање нови форми на културно изразување во кои преку различни медиуми ќе се користи македонскиот јазик.
Во дворот на ова училиште започна изработка на мурал во чест на патронот Гоце Делчев, како и на македонската азбука, а наставничките по македонски јазик Јована Денесовска Ристевска и Ангелина Лабачевска се потрудија преку интерактивни вежби да ги предизвикаат учениците да се поттикнат да создаваат дела со употреба на македонскиот јазик.
– На овој настан беа присутни и претставници од здружението за културен активизам,,Жар Преспа“, кои ја удостоија публиката со читање на свои авторски дела – рече Марија Груевска, авторка на проектот.
Следниот настан како дел од оваа манифестација ќе се одржи во с. Љубојно, на 19 јуни, каде што се наоѓа и првото отворено училиште на мајчин јазик. Настанот ќе биде збогатен со музичка изведба, со ликовни уметници од Преспа и пошироко, кои ќе творат на самиот настан, литературни изведби и секако поетското читање на специјалните гости Филип Димкоски и Лина Димоска.
Последниот, завршен настан ќе се одржи на 28 јуни во Офицерскиот дом во Битола, со изложба на изработените дела, творби, поетско читање и музика.
Сите настани се од отворен и јавен карактер.,,Цртај на македонски јазик“ е манифестација поддржана од Министерството за култура на Македонија и има цел да се создаваат активности и дела за поттик на употребата на македонскиот јазик од страна на младите уметници и независната културна сцена, неформални групи и автори во областа на културата. Ф.Д.