Ексклузивно во „Колибри“ песни од сѐ уште необјавената книга за деца
на писателот Ефтим Клетников
Малечката Принцеза
в мисли згина.
Сериозна, свој законик прави,
сè на свое место да постави,
за да има Правда и Вистина.
Еве дел од тие нормативи
што ги предлага ко Устав таа,
кои треба сите да ги знаат
и од нив да учат дур се живи.
Треба тој Законик да го чува
секој: сите големи и мали.
Нема право пред мравката
да се фали
Коњот нилски и ја понижува,
дека тој е голем, таа мала.
Барем малку да си скромен
требе,
оти секој има врв во себе,
секој само делата го фалат.
Оти дури мрзливо в блато
Коњот нилски на сонце
се пече, мравката на плеќи
вреќа влече
полна жито без ропот по патот.
Пример дека сите баш се исти
во Природата со својте права.
Создателот тоа им го дава.
Тука сите работи се чисти.
И еве ги најпосле пред сите
параграфите со израз точен,
што блескаат со сјај моќен.
Со Правдата света
низ нив дните
ќе минуваат за да се знае:
Сè е сега како јаспис сјајно,
ништо не е мало, безначајно,
сè со Вистина и Правда сјае.
Законик бр. 1 за мир и љубов
Дар е, богатство за сите мирот.
Кај секого треба тој да стаса,
за на иста ливада да пасат
волкот и јагнето со пастирот.
Брат и сестра Срната и Лавот
треба да се и под иста стреа,
покрај еден огин да се греат:
да исчезне од сестрата стравот
дека за врат братот ќе ја фати.
Оти ништо веќе не е грубо,
овој закон носи само Љубов
и отвора на секого врати.
Современи дидактички пораки
На страниците на „Колибри“ во неколку наврати објавивме песни од сѐ уште необјавена книга за деца „Малечката принцеза“ на писателот Ефтим Клетников, што треба да ја издаде издавачката куќа „Арс ламина“ до крајот на годината. И во наредните броеви ќе објавиме циклус песни од ова дело под наслов „Законикот на малечката принцеза“, кој е на некој начин педагошки мотивиран за млади, но и за оние повозрасните.
„Тука не станува збор за класично дидактичко клише, туку за една модерна и универзална етичка варијанта на сфаќање и однос кон нештата. Има тука и некои полемички тонови со застареното дидактичко клише, кое повеќе ја ограничува отколку што ја проширува етичката свест кај децата. Мислам, пред сè, на ’Штурецот и мравката‘, познатата басна на Лафонтен, класичен пример за таквото клише, во која авторот застанува на страна на мравката како работлива, а го напаѓа и клевети штурецот како мрзлив, жител на уметноста (музиката) од која нема фајде човекот бидејќи не произведува, според него, опипливи корисни нешта“, објаснува авторот.
Ефтим Клетников (75) е македонски поет, книжевен и ликовен критичар, есеист и преведувач. Роден во селото Негрево, дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, а имал и студиски престој во Париз (1979/80 г.) како стипендист на француската влада. Добитник е на повеќе книжевни награди. Неговата поезија е застапена во голем број антологии и преведена е на неколку јазици.
Негови дела наменети за децата се поетските збирки: „Кула со златно ѕвоно“, „Златна рипка“, „Море во сонот“, „88 песни за месечината“ и „Сончеви песни“.