Ексклузивно во „Колибри“ песни од сѐ уште необјавената книга за деца на писателот Ефтим Клетников „Малечката принцеза“
ЗАКОНИК БР. 18
Змијата што сал ја гони
Светецот со копје вечно,
е девојка што несреќно
престорена в ала сони
во ликата првобитна,
починката што ја фати,
да се преслече и врати.
Задача за неа итна
пред да биде убиена
од Светецот кој не знае
за убоста која сјае
в неа и е скапоцена.
Дијамант е таа зрачен
со мракот на ноќта крстен,
за да легне в свадбен прстен
на Светецот на коњ качен.
Смаен тој само ги брои
од икона дните, чека
знаци и чувствува дека
некој зол зад тоа стои.
И не сака да ја згоди
тој Змијата, да ја срази
или под копито згази.
Со неа се веќе сродил,
иако над неа дигнал
копје остро смрт што значи.
Тој со светли сега лачи
до срцето нејно стигнал.
Преобразена е веќе
во девојка преубава
Змијата што, глеј, му става
на Светецот в срма свечен
на раката прстен златен.
И сè слави сега, оти
љубовта што пламна сплоти
сè во светот неопфатен.
А и збори, како громот
гласно легендата сјајна,
дека Змијата е тајна
која ни го чува домот.
Затоа и не ја уби
Светецот со копје неа,
и ја доведе под стреа
со тапани и со труби.
За невеста тој ја зема.
Така вели таа сказна
која не е стомна празна,
оти тука лага нема.
Затоа е толку драго
и сè в овој закон сјајно.
Змијата под јазик тајно
чува за нас скришно благо.
Современи дидактички пораки
На страниците на „Колибри“ во неколку наврати објавивме неколку песни од сѐ уште необјавената книга за деца „Малечката принцеза“ на писателот Ефтим Клетников, која треба да ја издаде издавачката куќа „Арс ламина“ до крајот на годината.
И во наредните броеви ќе објавиме циклус песни од ова дело, под наслов „Законикот на малечката принцеза“, кој, на некој начин, е педагошки мотивиран за млади, но и за оние повозрасните.
Тука не станува збор за класично дидактичко клише, туку за една модерна и универзална етичка варијанта на сфаќање и однос кон нештата. Има тука и некои полемички тонови во таа смисла со застареното дидактичко клише, кое повеќе ја ограничува отколку што ја проширува етичката свест кај децата. Мислам, пред сè, на „Штурецот и мравката“, познатата басна на Лафонтен, класичен пример за таквото клише, во која авторот застанува на страната на мравката како работлива, а го напаѓа и клевети штурецот како мрзелив жител на уметноста (музиката) од која нема фајде човекот, бидејќи не произведува, според него, опипливи корисни нешта – објаснува авторот.
Ефтим Клетников е автор на книгите за деца: „Кула со златно ѕвоно“, „Златна рипка“, „Море во сонот“, „88 песни за месечината“ и „Сончеви песни“.