Десетта јубилејна „Младинска керамичка работилница“ во селото Вранештица
Со учество на петнаесет ученици од кичевски училишта, викендов во селото Вранештица, Кичевско, се одржа десеттата јубилејна „Младинска керамичка работилница“, на која и годинава ги немаше учениците од „Лазар Личеновски“ од Скопје. Учениците твореа во работилницата на мајсторот Слободан Столески и во текот на трите дена идните грнчари од глината создадоа по две дела за работилницата и по еден примерок за себе. Во грнчарството децата беа упатувани од страна на менторите, професорите по ликовна уметност, Мирослав Крстески и Валдета Ибиши.
– На годинашната сесија учествуваа петнаесет деца од кои девет од ОСУ „Мирко Милески“ и шест деца од ОСУ „Дрита“ во Кичево. Радува фактот што секоја година децата стануваат сѐ поинвентивни и грнчарското колце повеќе не е табу за нив. На работилницата гостин беше професорот по керамика од Албанија, Генц Кадриу, кој своето богато познавање од оваа област им го пренесе на учениците учесници на работилницата – истакна Мирослав Крстески, еден од двајцата професори ментори.
Поради здравствени причини на работилницата го немаше еден од зачетниците на овој проект, професорот Филип Фидановски.
Организаторите најавија дека на почетокот на есента ќе бидат претставени делата создадени на оваа работилница, на изложбата што ќе биде отворена во Кичево.
Текст и фото:
Зоран Антоски