КНИЖЕВНА РАБОТИЛНИЦА ВО СТРУМИЦА
„Читачка светилка“ е креативна книжевна работилница што Европска куќа – Струмица (EU House Strumica) започна да ја реализира со дечиња за да им се доближи магичниот свет на книгите. Работилниците ќе ги водат Ана Витанова-Рингачева и Сузана Мицева, кои и досега работеле на најразлични книжевни настани за најмладите.
– „Читачката светилка“ треба да ги осветли умот и срцето на секое дете што ќе застане под нејзината светлина. Сакаме преку непосредни разговори, заедничко читање, креативни изработки, да им покажеме на децата дека книгата е ненадминлив раскажувач и чувар на знаења, верен пријател во кој секогаш ќе може да најдат забава и утеха – велат Ана и Сузана за овој проект.
Засега „Читачката светилка“ е замислено да се одржува еднаш месечно, а предвидува и гости уметници, книжевници, писатели и луѓе од други професии, кои ќе ги споделуваат своите читачки, но и професионални искуства со децата. Замислата е да се збогатува детскиот свет со нови знаења, да се поттикнуваат желбата за истражување и љубопитноста за тајните на книгите и сите богатства што тие им ги откриваат на читателите.
– На работилниците ќе бидат застапени познати дела од светската литература, некои што се обработуваат и според училишните програми, но ќе се обидеме во нив или преку нив да откриеме нови приказни и пораки, да ги збогатиме со нови творечки и читачки искуства. Исто така, ќе опфатиме и нови дела од домашни и странски автори, за да можат децата да ги шират своите познавања за книжевноста, но и да го градат својот книжевен вкус – најавија организаторите..
Ф.Д.