Во светот на подвижните слики
Поминаа повеќе од 40 години откако американскиот глумец Харисон Форд првпат се појави на големиот екран како археологот и авантурист Индијана Џонс во „Грабнувачите на изгубеното богатство“ на Стивен Спилберг. И не само што филмот оствари најголема заработка во 1981 година туку и во уметничките кругови беше прифатен како вредно остварување: беше предложен за осум „оскари“, а освои четири златни статуетки.
По големиот успех на првиот филм, снимени се уште четири продолженија. Во последниот „Индијана Џонс и артефактот на судбината“, прикажан годинава, кој неодамна можеше да се види и кај нас, веќе остарениот глумец доби уште една можност да ги забавува гледачите толкувајќи ја улогата што ја обележи неговата кариера. Од 1981 г. до денес Харисон Форд доживеал сѐ и сешто за да ги покаже што поубедливо умешноста и бестрашноста на Индијана Џонс.
Особено е впечатлив настанот кога е откриено дека глумецот од мали нозе ги сака животните од кои на повеќемина им се крева косата на главата.
Во познатата сцена од „Грабнувачите на загубеното богатство“, Индијана Џонс и неговиот помошник Салах наоѓаат и подигаат „капак“ на закопаниот извор на душите. Дури кога ќе влезат во стариот храм, Џонс сфаќа дека тлото е преполно со змии, од кои смртно се плаши. Глетката на влечуги што лазат секаде наоколу е застрашувачка и на големото платно. Меѓутоа, Харисон Форд немал никаков страв од лигавите животни.
Млад извидник
Змиите, како што открил подоцна, ги засакал уште како дете. Форд многу рано почувствувал дека не е омилен меѓу своите врсници. Често го задевале и го сметале за чуден. Затоа тој решил да им се приклучи на младите извидници и да му се посвети на истражувањето на природата. За разлика од момчињата во соседството, новото друштво му било понаклонето. Заслужено ги добил сите значајни значки што им се доделуваат на младите извидници. Еден дел од обуката претставувал изучување влечуги и водоземци. Извидниците имале задача да ги бараат дење и ноќе и да ги распознаваат по изгледот и звуците што ги испуштаат. Со месеци ги следеле нивното однесување, навиките во исхраната и начинот на размножување. На крајот, под надзор на постарите, ги држеле змиите, жабите и гуштерите во рацете за да се зближат со нив. Тоа било време кога Харисон Форд се вљубил во змиите, од кои Индијана Џонс ќе се грози. Му станале толку драги што и самиот одлучил да им стане советник на новите извидници и да ги запознае со тие животни. Во кампот каде што ја завршил обуката и денес стои весло од кану со неговото име.
Паника на снимањето
Познат по тоа што води грижа за секој детаљ, режисерот Стивен Спилберг барал за бунарот на душите да се набават вистински змии и безноги гуштери, ги имало повеќе од 7.000. Харисон Форд слободно шетал меѓу змиите и не му пречело да ја сними сцената во која се среќава со кралската кобра очи в очи.
За разлика од него, некои други членови на екипата одвај го поднесувале присуството на илјадниците влечуги. Глумицата Карен Ален, која во филмот ја игра Марион, немала сили да згазне, па во кадрите каде што не ѝ се гледа лицето ја заменува каскадер. Најлошо поминал помошникот на режисерот, кого еден питон му се обвил околу раката. А на Харисон Форд најтешко му било да одглуми страв. Ги пуштал змиите да влегуваат во неговиот дом во Аризона, а и денес за нив има само убави зборови.