„Македоника литера“ неодамна го објави романот за млади „За мајките сè најдобро“ на познатата и најчитана хрватска писателка за деца Сања Пилиќ. Ова е нејзиниот прв роман, првпат објавен во 1990 година, за кој ја доби книжевната награда „Григор Витез“ и долг период е задолжителна лектира во основното образование во Хрватска.
Овој роман зборува за проблемите на пишувањето, за техниката, ликовите, заплетот, но и за животот на писателот, за неговиот социјален и финансиски статус и за проблемот на усогласување на пишувањето како професија и за семејниот живот. Зборува за мајчинството, но од перспектива на мајка што чувствува дека прерано пораснала и дека нејзиниот „возрасен“ живот ѝ забранува многу работи за кои копнее. Тоа се некои детски желби и фантазии, но и време за себе и за сопствените интереси.
Романот зборува и за семејното секојдневие, за обичните мајчински проблеми, за готвењето ручек, детските игри и проблеми, брачните врски и пријателствата. Сепак, сè е раскажано од перспектива на мајката, која, како и сите други, има свои индивидуални потреби, проблеми и соништа што се во спротивност со нејзиниот мајчински идентитет.
„За мајките сè најдобро“ нема силен заплет, што значи дека во преден план не се заплетите, интригите и општите настани, туку романот е многу „разигран“ и непредвидлив, но не толку поради настаните во него колку поради начинот на кој е напишан. Писателката често си игра со зборови, како на пример во следните реченици: „Лицемерите не се мерачи на лицето…“, „Валдемар има полутетка. Затоа тој ја полуслуша“… Таа, исто така, измислува свои зборови, користи сленговски изрази, си игра со поговорки, со правопис и пишување со големи букви, со графички приказ или со празниот простор на страницата.
Авторка на над осумдесет книги за деца и за возрасни
Сања Пилиќ (1954 година, Сплит, Хрватска) дипломирала на Факултетот за применети уметности, отсек фотографија. Работела како фотографка, трик-снимателка и колорист кана цртани филмови. Живее и работи во Загреб.
Објавила повеќе од осумдесет книги, вклучувајќи сликовници, книги за деца и млади и книги за возрасни. Добила голем број награди и признанија за својата работа. Неколку нејзини книги се задолжителна лектира за основните училишта, меѓу кои и овој роман, а повеќе наслови се толку популарни што се објавени во повеќе од десетина изданија.
Нејзини најпознати дела се: „За мајките сè најдобро“, „Немам време“, „Трошки од дневната соба“, „Па, не ми е жал“, „Женски песни“, „Фактор на успех“, „Мала торба, голема слобода“, „Ми одиш на нерви!“, „Се гледаме на Фејсбук!“ и други. За своите дела добила повеќе награди и признанија. Освоила над дваесет награди, а номинирана е за двете највисоки меѓународни награди за книжевност за деца „Ханс Кристијан Андерсен“ и меморијалната награда „Астрид Линдгрен“ (АЛМА).
Нејзини книги и текстови се преведени на повеќе јазици, а ова е втора нејзина книга на македонски јазик, по „Баш сум хепи!“, книга со куси раскази, исто така во издание на „Македоника литера“.
            

































