Ексклузивно во „Колибри“ песни од сѐ уште
необјавената книга за деца на писателот Ефтим Клетников „Малечката принцеза“

За богатство да се води
само она Наше што е,
и за сите што се плоди,
кое не е мое, твое.

Тоа за секој што раѓа
и го крева класот житен,
никој од глад да не паѓа
и да бидат сити сите.

За да биде секој в светот
задоволен, како в зори
од росата сјајна цветот
крај потокот што жубори.

А да биде секој среќен,
овој закон, свет за сите,
мора да е долговечен,
неограничен во дните.


Современи дидактички пораки

На страниците на „Колибри“ во неколку наврати објавивме неколку песни од сѐ уште необјавена книга за деца „Малечката принцеза“ на писателот Ефтим Клетников, што треба да ја издаде издавачката куќа „Арс ламина“ до крајот на годината.
И во наредните броеви ќе објавиме циклус песни од ова дело под наслов „Законикот на малечката принцеза“, кој е на некој начин педагошки мотивиран за млади, но и за оние повозрасните.
– Тука не станува збор за класично дидактичко клише, туку за една модерна и универзална етичка варијанта на сфаќање и однос кон нештата. Има тука и некои полемички тонови во таа смисла со застареното дидактичко клише, кое повеќе ја ограничува отколку што ја проширува етичката свест кај децата. Мислам, пред сè, на „Штурецот и мравката“, познатата басна на Лафонтен, класичен пример за таквото клише, во која авторот застанува на страна на мравката како работлива, а го напаѓа и клевети штурецот како мрзлив, жител на уметноста (музиката) од која нема фајде човекот бидејќи не произведува, според него, опипливи корисни нешта – објаснува авторот.
Ефтим Клетников е автор на книгите за деца: „Кула со златно ѕвоно“, „Златна рипка“, „Море во сонот“, „88 песни за месечината“ и „Сончеви песни“.