Фото: ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ - Прилеп

Слатки часови во ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ во Прилеп

По повод Светската недела на детето, која се одбележува секоја прва седмица во октомври, вторачињата што учат кај наставничките Розита Кареска и Јованка Антоска во ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ во Прилеп имаа многу интересен и необичен час.
На гости им беа нутриционистката Тодорка Наумоска Димески и поетот и земјоделски инженер Филип Димкоски. Тодорка им објасни на дечињата зошто е важно да се јаде овошје што почесто. Таа сподели дека нема омилено овошје, бидејќи ги сака сите овошја што постојат и им објасни дека со комбинацијата на повеќе видови овошја нивниот вкус е уште поубав.
Средбата беше посетена и од стручната служба на училиштето, и тоа психологот, педагогот и социологот.

Додека Филип им читаше песнички за овошјата од својата најнова книга „Песни кратки за плодови слатки“, вторачињата ги приготвија своите омилени овошја, потоа раскажаа зошто токму тоа овошје им е омилено и на знак од наставничките почна приготвувањето на огромната овошна салата.
Во големите чинии се измешаа сечканите овошја. Сите вредно лупеа и сечкаа, учејќи се како безбедно и самостојно да го прават тоа и дома. Потоа секој доби заслужена порција од салатата, која беше украсена со шлаг и шарени чоколадни трошки. Чиниите се испразнија за миг, што покажа дека дечињата уживаат да јадат овошје.
Токму затоа нутриционистката Тодорка им препорача што повеќе оброци да бидат искомбинирани со овошје, дека е добро наместо тост или тестенини, за ужинка да се јаде понекое парче свежо овошје, овошна салата и слично.
И не само што идејата беше прифатена туку вторачињата ветија дека и дома ќе приготват овошна салата и ќе ги изненадат своите родители.


Капинка

Ситна е, црна и мала,
стотина ситни топченца,
капинката кога е зрела,
на едно место збрала.

Штом добро ќе узрее,
вкусна е, многу блага,
затоа капинката ко плод
секому му е драга.

Но има само една мана,
ќе узрее и трае кратко,
затоа баба ми најбрзо,
од капинки вари слатко.

Мушмула

Aна на Андреј му вели:
– Ниту сум видела,
ниту сум чула,
такво овошје
со име мушмула.
– На дрво мушмули растат,
– Андреј ѝ вели,
– ситни плодови
што не се јадат цели.
Пред плодовите да се јадат,
семките им се вадат.

Кафеави топчиња со
вкус што не личи
на ништо друго,
имаат плотче вкусно,
но многу тврдо.
Дури откако мраз
ќе ги фати,
треба да се јадат,
ем да нѐ освежуваат,
ем да нѐ сладат.

Малина

Малината има
плодови вкусни,
малечки и црвени
како детски усни.

Благо-кисела е по вкус,
се јаде кога е свежа,
но може од малината
да се приготви и џус.

Малините имаат моќ
погледи на сите
да им крадат,
црвените вкусни малини,
децата најмногу ги јадат.

Затоа и еден дедо Иле
малини сади крај оградата,
децата кога ќе поминуваат,
да си скинат од насладата.

Филип Димкоски
(Од книгата „Песни кратки за плодови слатки“)