Фото: Зоран Антоски

Хумана страница: Во Кичево

Волонтери на Црвениот крст од Кичево реализираа хуманитарна акција во која се вклучија голем број членови на оваа хуманитарна организација.
Тие во период од неколку дена изработија колачиња мафини, кои ги понудија на продажба на 8 Март, во центарот на Кичево. Одекот меѓу кичевци беше голем.
– Хуманитарната акција што ја спроведовме претходната недела беше навистина успешна. Поголем број наши членови се вклучија во акцијата за изработка на солени колачиња – мафини. Овие изработки им ги понудивме на нашите сограѓани по цена од 30 денари од парче и, според остварениот промет и собраните средства, сметаме дека акцијата е целосно успешна. Некои наши сограѓани што купија од овие колачиња оставаа и повеќе пари од цената на чинење, за да им се помогне на социјално загрозените семејства и поединци. Ние претходно подготвивме приоритетен список, за да им помогнеме на најзагрозените – велат младите волонтерки Мелани Србакоска и Марија Божиќ.
Тие беа изненадени од големиот интерес за оваа акција. Инаку, слични акции младите волонтери од Кичево, традиционално, организираат повеќепати во годината. З.А.