Во „Колибри“, во десет продолженија, ќе можете да ја прочитате серијата раскази насловени „Од детството на Блаже Конески“ на писателот и публицист Мишо Китаноски, која пред да биде објавена во книга први ќе ја објавиме на нашите страници. Во годината кога прославуваме 100 години од раѓањето на овој великан на македонската култура, творец и кодификатор на македонскиот литературен јазик, ќе можете да се запознаете со детските години и растењето на Конески
ЕКСКЛУЗИВНО ВО „КОЛИБРИ“: СЕРИЈА РАСКАЗИ „ОД ДЕТСТВОТО НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ“ НА ПИСАТЕЛОТ МИШО КИТАНОСКИ (3)
Дедото Коне во селото Небрегово имал изградено убава куќа на два ката, со балкон. На балконот во убавите денови Блаже најчесто седел и оттаму го гледал селото, опкружено со планини. Тука, тој седејќи си мечтаел, а љубопитноста го терала да се прашува што има зад високите ридови, кои завршувале со уште повисоки планини.
Него, така често замислен, го прекинувал гласот на баба му Дунавка или на мајка му Зака, кои најчесто го повикувале да јаде, да помогне или да заврши некоја мала работа. Тогаш Блаже со трчање се спуштал по дрвените скали… Ама, кога бил сам, радосно и со трчање се качувал на балконот, додека во него се роеле мисли со прашањето што има зад планините што ги гледа од балконот.
Љубопитноста постојано била поттикнувана и од она што често го слушал од дедо си Коне или, пак, од татко си Јордан, едниот или другиот ќе речеле: „Утре рано, пред да се јави сонцето, ќе одиме во град… во Прилеп“.
А, Блаже на тоа, така седнат на малото столче на балконот, секогаш се прашувал: „Што крие зборот град? Што има во тој град? И… уште – во Прилеп!?“
Чудно, но тој никогаш не посакал да ги праша татка си или дедо си Коне да му кажат што е тоа град и колку тој град е оддалечен од нивното село Небрегово. Но тој при секоја средба со другарчињата знаел да им кажува што има зад планините што го опкружуваат нивното село Небрегово! Бидејќи не можел повеќе да издржи, а да не го види градот, еднаш им предложил на другарчињата:
Ајде, утре да појдеме и да видиме што има во тој град, во Прилеп.
Некои од другарчињата се израдувале од предлогот и веднаш прифатиле, а други се замислиле и рекле дека ќе ги прашаат родителите дали ќе ги пуштат да појдат во градот Прилеп. Но никое од нив не рекло дека не сака да го види градот и што има во него. Да појдат тие и пак да си се вратат во нивното Небрегово.
На договорениот ден, дружината, на чело со Блаже, се собрала сретсело. И, така здружени, полека минале низ селото, а потоа фатиле по патот што минува низ полето, исполнето со ниви и ливади. Од одењето, кое на почетокот било забрзано, некои од другарчињата на Блаже брзо се умориле, та почнале да подзастануваат за да се одморат. Тоа го правеле и другите во групата.
Решени дека ќе ја остварат својата најголема желба, најпосле малата група деца, на чело со Блаже, полека движејќи се, доволно се оддалечиле од селото. Но кога тие ќе погледнеле пред себе, патот им изгледал многу долг до градот, та не можеле со своите очи да го догледаат. Сепак, не се откажувале.
Одејќи така, малата група, на чело со Блаже, го сретнала овчарот Трајко, кој ги пасел овците на Коневци. Блаже добро го познавал и се израдувал што него го среќава крај патот, потпрен на крлукот. Кога Трајко ги видел децата, радосно им подвикнал:
Каде сте тргнале вака, јунаци?
На прашањето, прв се јавил Блаже и уште порадосно му вратил:
Чичко Трајко, одиме во град, сакаме да го видиме градот Прилеп.
Кога го слушнал ова, овчарот Трајко, кој ги пасел овците на дедото Коне, малку се зачудил, а потоа им дофрлил:
– Убаво од вас деца, што сакате да го видите градот, ама…
– Што ама, нема ама, се јавило едно од другарчињата на Блаже, ние сме решени да го направиме тоа и… Што?
Овчарот Трајко, кој стоел на меѓата од ливадата, не издржал, па им рекол:
Ама да знаете далеку е до градот, треба цел ден да одите!
На тоа едно од другарчињата му се спротивставило:
– Ќе одиме и ќе стигнеме!
– Ќе сигнете таму, ама кога, кога ќе падне црната темнина. Каде ќе спиете?
– Јас имам тетка во Прилеп, ќе појдеме кај неа на гости.
Видел овчарот Трајко дека не може да ги одврати децата од она што го замислиле, па им рекол:
Знаете ли што ве чека на патот?!
Кога ова кажување на овчарот го слушнал Блаже, побрзал да му врати:
Ние решивме и одиме во град! Одиме во Прилеп!
Бидејќи овчарот Трајко видел дека децата не се откажуваат, па за да ги заплаши децата и да ги оттргне од мислата дека треба да продолжат понатаму да одат загрижено им рекол:
Одете, одете… Ама да знаете зад онаа кривина седи еден голем волк и чека да му се приближите за да ве лапне!
Кога го слушнале тоа децата од малата група, на чело со Блаже, толку многу се исплашиле што веднаш, како под команда, се завртеле на патот и почнале полека без збор да се враќаат, а по извесно време почнале да трчаат кон селото Небрегово. Меѓу нив трчал и Блаже, уверен дека еден ден, кога-тогаш, тој ќе го види градот – Прилеп.
За авторот
Мишо Китаноски е роден во Вевчани. Бил новинар, уредник и главен и одговорен уредник на весници, ревии и списанија. Ги објавил книгите: „Сите деца се исти“ и „Џамлии и лифтови“ (песни за деца), „Потпис: Сандра“ (поезија за возрасни), „Летописи за македонските села“ (приказни и рецензии), како и публицистичките изданија. „Бела книга – црно писмо: македонски индекс на забранети дела“, „Пиринска историска вистина“ и „Децата бегалци од Егејска Македонија во Југославија“, а приредил и неколку зборници. Последно негово објавено дело е збирката раскази „Прстен и парфем“.
Негови прилози се застапени во буквари, читанки, прирачници и антологии, а неговите дела се преведувани на англиски, руски, бугарски, романски, албански, словенечки, српски и на други јазици.
Според негови сценарија се снимени и емитувани повеќе од десет ТВ-документарни филмови. Живее и пишува на релацијата Скопје – Вевчани и обратно.