Во светот на екраните, книгата сѐ уште е најубавиот прозорец кон светот!
Со доделување на наградите по распишаниот литературен конкурс „Со зборови го градиме светот“, библиотеката „Илинден“ од Делчево ги заокружи активностите по повод Месецот на книгата. На конкурсот со лични творби учествуваа ученици од двете основни училишта во градот – „Ванчо Прке“ и „Св.Климент Охридски“. Младите литерати преку поетски и прозни творби ја изразија љубовта кон книгата, кон читањето и пишувањето.
Најдобри творби имаа учениците: Сара Димитровска, Сандра Николовска, Теодора Митевска, Максим Стефановски, Бојана Мирчевска, Ева Калаџиска и Ангела Мавродиеева, под менторство на наставничките по македонски јазик Билјана Стоилковска, Василка Ивановска, Маријана Стоименовска, Весна Иванова и Валентина Даневска.
– Упатуваме честитки до сите учесници и голема благодарност до двете училишта и наставниците по македонски јазик и двете училишни библиотеки за соработката. Се надеваме дека таа ќе продолжи и во иднина. Настанот помина во пријатна и инспиративна атмосфера исполнета со љубов кон пишаниот збор. Октомври, месецот на книгата, е време кога се потсетуваме дека секоја прочитана страница е чекор поблиски до мудроста. Зашто, книгата не е само хартија, таа е пријател, учител и утеха. Во светот на екраните, книгата останува најубавиот прозорец кон светот – велат вработените од библиотеката „Илинден“. Ф.Д.
Со зборови го градиме светот
Што е еден народ без својот збор?
Недовршен, празен сон.
Со зборови го градиме светот,
со зборови си го градиме идентитетот.
Светот од зборови не е само сон,
тој расте кога на мислата ѝ станува дом.
Со зборови-мир, со зборови-лет
со зборови го градиме целиот свет.
Кога зборот крие силна мисла,
тој е искра што мракот го истиска
зборовите лечат, зборовите болат
зборовите светот го водат.
Тие се клучеви, отвораат брави
од темни соби во кои мисли спијат,
со светлина итаат по патеки прави,
спречуваат мисли во темнина да гнијат.
Светот не бара ѕид, ниту крвава рака,
туку збор топол, што грее, што сака.
Автор: Бојана Мирчевска, 
наградена творба на конкурсот 
на библиотеката „Илинден“-Делчево
            

































