Етика за млади
Основа на семејството е љубовта, негова цел е долго живеење заедно, градење заеднички живот. Во семејството се вложуваат големи надежи, но тоа има навистина големи задачи. Семејството треба секому од неговите членови да му овозможи добро живеење, стабилни односи, чисти емоции, остварување на визиите и намерите. Тоа зема малку, бара само почитување меѓу неговите членови и следење на едноставните морални норми – внимание, пристојност, грижа, заинтересираност. За возврат дава многу, здружените сили го постигнуваат она што човек не може да го стори сам. Семејството е остров во разбрануваното море на животот. Држејќи се заедно, знаејќи дека се еден покрај друг, членовите имаат сила да ги издржат сите бури. Кога семејството е добро и успешно, тоа е најголемата среќа што може да ја доживее човекот.
Во семејството се негува најубавото човеково чувство – љубовта. „Семејството е татковина на љубовта“, така пишува големиот италијански писател Џузепе Мацини. Во семејните односи има интимност, договарање и заедничко планирање. Сѐ се гради со доверба. Во рамките на семејството човекот си наоѓа спокојство и спас. Во семејството се раѓаат деца и тие тука најдобро се одгледуваат и воспитуваат. И имотот вистински опстојува како семејна основа и богатство. Човекот најмногу се труди во полза на семејството.
Семејната љубов најдобро предизвикува благородни чувства кај човекот. Таа дава поткрепа и го насочува човекот кон вистинскиот пат. Кога постои семејна љубов, тогаш човекот не е сам, животот му е помил и поисполнет. Кога има љубов во семејството, меѓу мажот и жената и меѓу родителите и децата, тогаш е остварена големата замисла – човекот да создаде свет за себе, според своја мерка, свет во кој ги достигнал најубавата смисла на љубовта и најздравата цел на животните настојувања.
проф. д-р Кирил Темков