Годишнини
Големиот јубилеј 80 години од усвојувањето на македонската азбука и на македонскиот правопис (1945-2025) свечено беше одбележан со учениците од петтите одделенија во ООУ „Кочо Рацин“ во Скопје. Ова свечено празнување за учениците го организираше и го водеше професорката по македонски јазик Билјана Денкова. Таа пред присутните ученици го потенцира значењето на македонскиот стандарден и литературен јазик во наставата и во учењето што се одвива од македонската азбука, како и преку правописот, со искрена порака дека нашиот мајчин јазик е патоводната ѕвезда во животот.
Исто така, по повод овој јубилеј, пред учениците за раѓањето на македонската азбука предавање одржа новинарот и писател за деца Мишо Китаноски, со посебен осврт на улогата на Блаже Конески во тој процес. Тој потоа одговараше на прашања на учениците посветени на македонската азбука и правопис, како и на македонската литература. Во исто време учениците имаа можност од авторот Мишо Китаноски да се запознаат и со неговиот роман со наслов „Детството на Конески“, од кој десет раскази прво беа објавени на страниците од прилогот за деца „Колибри“ во првиот дневен весник на македонски јазик „Нова Македонија“. Поттикнат од успехот на објавените раскази авторот М. Китаноски подоцна допишал уште десетина нови, кои го сочинуваат овој роман за деца и родители и во кои е прикажано растењето на нашиот великан и кодификатор на македонскиот литературен јазик Блаже Конески.
На јубилејната средба со своја песна-акростих посветена на Блаже Конески настапи и поетот Мендо Димовски, кој исто така беше награден со аплауз од учениците.
Жив е Конески
На нашиот вечен учител
Беше кроток во одот кон сводот,
и уште покроток во зборот,
а зборот му тежи повеќе
од злато,
беше топол ко лебот насушен
штотуку изваден од пламен,
беше вулкан во Азбуката
на нашиот земен живот,
беше веда во песната своја,
беше корен во коренот наш,
беше мисла што се коти,
поцврста од кремен-камен.
И, уште беше на
страдањата – лек,
остана патоводна ѕвезда
на нашиот минат и иден век,
беше скала со која се качивме
до небесата сини и тајни,
беше трајно семе на племе,
јунаци што раѓа незнајни,
беше искра во вивнат оган,
застанат на пусија и стража
што нѐ чува од душман поган.
А, ние си го знаеме долгот
та се браниме и храниме
секогаш со твоето вечно име,
беше и остана вековна
каријатида
што ја потпира нашата родина,
нашата куќа – Македонија,
ти си наш траен светилник
и бескрајна совест човекова.
Ни остави аманет – мајковина:
„Јазикот е нашата татковина“.
Мишо Китаноски