Во здраво тело здрав дух
Јубилејниот 50. карате-натпревар, „Лорд куп“ се одржа на 10 мај во салата „Марко Божиновски“ во Ново Лисиче, Скопје.
Организаторот, карате-клубот Аеродром, е задоволен од текот на натпреварите и од масовноста. Исто така, дваесетте клуба што учествуваа со своите 180 каратисти се задоволни од организацијата, од нивниот настап и од постигнатите резултати.
Секој учесник доби учесничка диплома, налепници со симболот на натпреварот, книгата „Македонски карате-фотофакти“ и две тетратки. Победниците добија медали, а екипите, покрај поединечните медали, добија и оскар за освоено прво место во својата категорија.
Учесниците беа на возраст родени од 2008 година и помлади.
– Нашето мото и овој пат беше „детската радост нема цена“. Категориите за кати во поединечна конкуренција беа поделени во три нивоа, а секое ниво соодветно на појасот на каратистот. Екипните ката-натпревари беа поделени во четири возрасни категории, а борците во кумите се натпреваруваа по возрасна и тежинска категорија. И годинава право на настап имаа каратистите што се регистрирани во својот матичен клуб преку Карате-федерацијата на Македонија, а правилата беа во согласност со правилата на Светската карате-федерација – велат организаторите.
Покрај карате-настанот, успешно беше организирана и донаторска акција за собирање средства за настраданите во кочанската трагедија.
М.Т.