Мојата првична замисла кога го осмислував проектот беше децата од различни училишта да се дружат преку креативни работилници, а дружбите да се случуваат во јавните и во училишните библиотеки. Во рамките на посетите на градовите Скопје, Гостивар и Кочани, настаните се случуваа во домот на културата „Билјана Беличанец“ – Кисела Вода и во jaвната библиотека „13 Ноември“, каде што децата ги дознаа новите книжевни изданија со кои располага библиотеката, во НУ центар за култура АСНОМ – Гостивар, ОУ „Никола Карев“ и во ЈОУ библиотека „Искра“ – Кочани, вели м-р Маја Трајковиќ
„Мост меѓу генерациите е љубовта кон книгата“ е насловен проектот наменет за ученици во основното образование, кој во изминатиот период беше реализиран во три града: Скопје, Гостивар и Кочани, а од септември ќе се заокружи со настани во Битола и во Охрид.
Носителка на проектот, кој доби поддршка од Библиотекарското здружение на Македонија и од претседателката д-р Јана Михајловска, а е одобрен и од Министерството за култура, е м-р Маја Трајковиќ. Сите деца учесници добија сертификати, со што заврши првиот дел од прекрасното креативно дружење.
Дружба преку креативност
– Мојата првична замисла кога го осмислував проектот беше децата од различни училишта да се дружат преку креативни работилници, а дружбите да се случуваат во јавните и во училишните библиотеки. Овој културен карван, поточно дел од малата училишна библиотека при ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ – Кисела Вода во Скопје, во изминатиот период пропатува низ три македонски града и оствари средби со голем број ученици. Раскажувавме разни случки, децата ги запишуваа своите приказни во дневници и барем за миг се почувствуваа како јунаци на времето во кое живеат. На овој начин училишните библиотеки се поврзуваат со јавните библиотеки преку креативните работилници за читање и пишување. Како училиштен библиотекар, целта ми е да ги поттикнам децата да ги засакаат книгите, да ги откриваат како нови светови, со нив да летаат, да патуваат низ времето и да стекнат читачка култура. Секоја нова генерација е поразлична, понапредна од претходната, па затоа и ние мораме да се приспособуваме – вели м-р Маја Трајковиќ.
Во рамките на посетите на градовите Скопје, Гостивар и Кочани, настаните се случуваа во домот на културата „Билјана Беличанец“ – Кисела Вода и во jaвната библиотека „13 Ноември, каде што децата ги дознаа новите книжевни изданија со кои располага библиотеката, во НУ центар за култура АСНОМ – Гостивар, ОУ „Никола Карев“ и во ЈОУ библиотека „Искра“ – Кочани.
– Учениците дознаа дека книгата е мостот што ги поврзува генерациите, минато со сегашност, предвидува иднина, книгата е мостот помеѓу епохите, мост помеѓу градовите. Библиотеките, пак, се културни институции, каде што може да се најде непресушна инспирација во делата што се чуваат во овие установи. Во Скопје, во домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода се одржа првиот настан. Учениците од средното училиште „8 Септември“ другаруваа со учениците од ООУ „Невена Георгиева-Дуња“, ООУ „Рајко Жинзифов“ и од „Климент Охридски“. Учениците од погорните одделенија читаа за браќата Миладиновци и за Блаже Конески, а помалите ги цртаа чувствата низ кои поминувале дејците, со голема почит кон нивните дела. Имаше и драматизации на лектирни изданија со учениците од ООУ „Тихомир Милошевски“ и ООУ „Јоаким Крчовски“ – објасни Трајковиќ.
Инаку, во текот на траењето на работилниците, децата ги запишуваа и ги искажуваа своите мисли и чувства. Пишуваа, на пример, кога се чувствувале невидливи и собраа храброст да ги напишат зборовите што им предизвикувале немир и учеа како да се справат со него во секојдневието.
– Децата учествуваа и во интерактивни игри подготвени од мене и од мојата соработничка Душанка Трпевска. Како ментори разбравме дека децата чувствуваат немир кога го закачаат нивното другарче, кога луѓето се некултурни и нетрпеливи, кога немаат сочувство, кога стануваат рано за часови, кога добиваат лоши оценки, кога во непознато место се сами. Исто така откривме и дека учениците во нашата татковина не се чувствуваат осамени, што ни беше особено драго мене и на Душанка Трпевска – дополни таа.
Стана збор и за апстракцијата и развивањето на високите мисловни процеси, преку адекватна стимулација.
Суперхерои, цареви и царици
При посетата на Гостивар, карванот во НУ центар за култура АСНОМ се сретна со учениците од ОУ „Гоце Делчев“ од овој град. Децата создаваа приказни, во кои тие беа главни ликови, односно царици и цареви.
На мапата од карванот беше и убавото Кочани, градот на оризовите полиња, каде што децата читаа, пишуваа и создаваа нови ликови, инспирирани од детската белетристика.
Со помош на интерактивните работилници, тие ги опишуваа своите родители како суперхерои. Имаше ученици од три основни училишта: ОУ „Раде Кратовче“, ОУ „Кирил и Методиј“ и ОУ „Никола Карев“, а дел од настанот беа и Билјана Аџиовска-Панџарова и Љупка Стојменова, како и вработените во библиотека „Искра“ во Кочани
На крајот, освен сертификати за учество од Библиотекарско здружение на Македонија, децата добија и примероци од книгата „Златна душа“ на Маја Трајковиќ. М.Т.