Јас сум презадоволна како помина првата официјална работилница. Пред себе имав деца што првпат се среќаваат со сукало, бљуд, пирустија и сач. Тие покажаа огромен интерес, посветено работеа и веднаш се почувствува нивниот напредок. Најголема победа за мене се нивната среќа од сработеното и задоволството кога го јадат својот производ, вели Наташа Неданоска

МАЈСТОРИИ СО ТЕСТО КАКО ЛЕТЕН ПРЕДИЗВИК

Во рамките на активностите на селското домаќинство „Пирустија Неданоски“ од селото Рамне, Охрид, постои една што носи наслов „Учиме да сучиме“. Неодамна се одржа првата ваква работилница за оваа сезона.
На работилницата беа повикани ученици што имаат интерес и желба да научат нешто повеќе за традиционалната храна, нејзино приготвување и негување. Момчињата и девојчињата, заедно со домаќинката Наташа, имаа можност да се вклучат во сите фази од процесот – сеење брашно, замесување тесто, создавање катмери и нивно премачкување, сучење со сукало, приготвување на филот, вклучувајќи го и процесот на печење со сач и пирустија, користејќи оган.
Наташа е вљубеничка во традицијата, особено во македонската традиционална кујна. Освен што сака да готви на стар традиционален начин пред гостите што доаѓаат во нивната куќа, таа оди чекор понапред, дружбите ги сведува на работилници и часови по готвење, каде што низ забава успева да им ја пренесе убавината на традицијата. Заедно со членовите на фамилијата, сопругот Васко и двете деца, Христијан и Петар, одржуваат своја мала фарма и градина од каде што ги црпат основните ресурси за создавање на оваа приказна. Но, според Наташа, процесот не би бил целосен ниту пак успешен доколку не се работи на тоа поле со „сопствените“ деца од својата држава. Оттука, таа ја истакнува важноста на пренесување на аманетот за зачувување на старите занаети, старите рецепти, старите традиционални обележја на Македонија, за да се прикаже и зачува битот на овој народ.
Примарната цел на овие работилници е доближување на младината до традицијата и поттикнување чувство на восхит и гордост дека ѝ припаѓаме. Но, паралелните цели се испреплетени со основната, па низ работата се откриваат ситни кулинарски тајни, се дискутираат еколошки теми, се начнуваат разговори за празнувања и обичаи, тука се темите за здрави навики, благодарноста кон природата и екосистемските услуги, нашата важност од зачувување на природните ресурси… едноставно дворот пулсира во еден етноедукативен џагор.
– Јас сум презадоволна како помина првата официјална работилница. Пред себе имав деца што првпат се среќаваат со сукало, бљуд, пирустија и сач. Тие покажаа огромен интерес, посветено работеа и веднаш се почувствува нивниот напредок. Најголема победа за мене е нивната среќа од сработеното и задоволството кога го јадат својот производ – ни рече Наташа Неданоска.
Од „Пирустија Неданоски“ најавуваат дека овие работилници ќе продолжат, за опфаќање што поголем младински аудиториум, идни зачувувачи на овој дел од традицијата. Тие отворено повикуваат на соработка со сите заинтересирани релевантни институции и организации, искрени поддржувачи и поттикнувачи.