Фото: Маја Јаневска-Илиева

Етика за млади

Училиштето е една од најкорисните дејности што ги измислило човештвото. Секое дете треба да израсне, да научи многу нешта за животот, да се образова и опреми со разни знаења, да се оформи како личност. Денеска сите деца на светот одат на училиште најмалку десетина години, а најчесто по 15 и 20 години, додека не станат стручњаци. Потоа учат без прекин и во текот на целиот живот.
Затоа училиштата се големи заедници. Во нив има и по 1.000 и 2.000 деца. Училиштето е втор дом за децата, тука го минуваат поголемиот дел од денот, речиси цела седмица и многу месеци во годината, освен кога е распуст.
Во училиштето децата се дружат со врсниците, заедно се развиваат, стануваат другари и ги научуваат најважните знаења и вештини што ќе им требаат во животот и во работата.
Едно од тие важни нешта е и учењето етика, како наука за доброто, за вредностите што секој човек треба да ги цени и извршува.
Бидејќи учењето е многу важно за децата, од нив секако се очекува добро однесување во училиштето. Некои добри постапки се поврзани со учење, други со правилно поведение, а трети со односот со другите ученици.
Секое дете треба да се труди да учи добро, да ја искористи можноста за напредок, а државата од своја страна издвојува средства да се организира образованието, но трошоци имаат и родителите. Затоа секое дете треба да се труди да учи, за подоцна да живее подобро и поквалитетно.
Исто така за секое дете е важно да биде другар со другите деца, кон поголемите да има почит, кон децата од својата генерација да биде отворено и пријателски настроено, а кон помалечките да покаже грижа. Во училиштето се воспоставуваат другарства што продолжуваат низ целиот живот. Таквите пријатели се толку блиски што другарите од училишните денови се сметаат за браќа и сестри.
Затоа деца, треба да се чува училиштето, да им помагате на другите да учат, зашто сите ученици имаат иста цел – да израснат во зрели личности, кои ќе можат да работат добро и правилно да се однесуваат.

Автор: проф. д-р Кирил Темков


Етичка мисла

Животната цел за секого и секогаш е иста: да напредува во доброто.
Лав Николаевич Толстој, писател