Иновативна настава на час по македонски јазик во прилепското ООУ „Климент Охридски“
Македонската поетеса за деца и за возрасни Вера Андон минатата седмица гостуваше во Прилеп. Таа ги посети шестоодделенците од ООУ „Климент Охридски“ и нивната наставничка Јулијана Талеска, кои секогаш со радост иницираат, но и прифаќаат вакви гостувања, кои ја збогатуваат наставата.
Ова не беше обична средба, затоа што наставничката Јулијана и учениците одлучиле да ја истражат поезијата на нивната гостинка преку една иновативна форма.
Во првиот дел поетесата им се претстави на учениците со неколку нејзини песни од добро познатите книги „Првата љубов голема, а ние мали“ и „Здраво, мои 13“. Потоа слушајќи аудиопоезија на Вера Андон, учениците ја применија техниката блекаут, создавајќи нови уметнички дела од стиховите на нивната гостинка.
Имено, секој ученик доби лист со по една отпечатена песна на Вера Андон и секој индивидуално требаше да го наслика преостанатиот простор од листот, истакнувајќи ги за него највпечатливите зборови од песната.
Оваа техника, за чиј изумител се смета шкотскиот поет и дипломат Калеб Вајтехорд, претставува создавање нов текст врз основа на веќе постоен и е комбинација од колажна уметност, ликовен израз и поезија.
Блекаут-поезијата се смета за подвид на т.н. најдена и конкретна пoeзија затоа што во неа поетскиот израз се комбинира со визуелни елементи на песната, а истовремено настанува нова песна преку „рециклирање“ на веќе постоен текст.
Називот „блекаут“ („зацрнување“) доаѓа од препознатливиот визуелен изглед што го добива песната по преобразбата на веќе готовиот текст во нова поетска целина.
Блекаут-песна се создава на тој начин што се зема страница од веќе постоен текст, без разлика дали станува збор за проза, поезија, белетристика или публицистика, и потоа во тој текст се избираат зборови што ќе ја сочинуваат новата, мисловно независна целина, додека остатокот од зборовите се затемнува, прецртува или осликува.
Учениците и наставничката изразија задоволство од средбата, а од новите дела создадоа ѕиден весник, кој сега ја краси училницата. Поетесата Вера Андон, пак, рече дека овој настан, меѓу другото, ќе го памети и по одземениот одмор на учениците во интерес на средбата, со надеж дека тие нема да ѝ се налутат.
Средбата беше следена и документирана со фотографии и видеоматеријали од страна на учениците од Мултимедијалниот клуб „К“ од училиштето.
Ф.Д.
































