ВО ТРСТ, ИТАЛИЈА
Учениците од СОУ,,Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија по третпат се наградени со почесна награда на престижниот светски поетски фестивал,,Замокот на Дуино“ во Трст, Италија. Признанието го добија за училишниот проект со наслов: „Носталгија“. Фестивалот е организиран од „Поезија е солидаритеа“, во соработка со Универзитетот на Трст, Департман за хуманистички науки, и Центарот за меѓународни студии и документирање на културата за млади. Настанот вклучува голем број активности од областа на литературата и сликарството, во кои партиципираат учесници од голем број земји од светот.
Поетските дела ги оценува меѓународно жири, а на фестивалот, во повеќе категории, учествуваат неколку илјади автори од целиот свет.
Почесната награда на овој престижен фестивал ја добиваме веќе третпат. Првиот пат присуствувавме на доделувањето на наградата во Трст, вториот пат доделувањето се одложи поради пандемијата, а се надеваме дека оваа година ќе можеме повторно да го посетиме овој фестивал. Проектот е во категоријата училишни проекти и е насловен „Носталгија”. Во изработката, со свои песни и ликовни илустрации учествуваа сите ученици од првиот до четвртиот клас. За нас ова е уште едно признание, кое предизвикува огромно задоволство кај учениците и, секако, кај мене, како нивна класна раководителка – изјави професорката по македонски јазик од ова училиште Жаклина Атанасова.
Оваа година фестивалот го доживува своето 17-то издание, а свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 19 март, во Трст. Љ.А.