Во уметничкиот салон на Центарот за култура во Кичево во саботата беше отворена ликовна изложба со наслов „Убавина на срцата“. Станува збор за детска изложба, во чија реализација владееше топла атмосфера полна со љубов.
– Вечерва ја отвораме ликовната изложба во чие создавање учествуваа 41 ученик на различна возраст. Секое дело е „срце“ само по себе, уникатен израз на внатрешниот свет на децата, од шарени цртежи до креации со хартија, бои, рециклирани материјали и декоративни елементи. Централната тема на оваа изложба е љубовта во нејзините најчисти облици, било да е тоа љубов кон родителите, другарчињата, природата или миленичињата. Изложбата беше покана за сите посетители да го погледнат светот низ очите на децата – со едноставност, искреност и надеж.
„Убавината на срцата“ не е само уметничка изложба туку и јасна порака. Љубовта е најуниверзалниот јазик, а децата се нејзини најдобри амбасадори – истакна Лулзиме Лулу Османи, професорката во чие ателје творат овие дечиња и создаваат уметнички дела.
Од своја страна, организаторите истакнаа дека овој проект ги потенцира убавината на срцата и чистата и искрена креативност на децата.
– Инспирирана од љубовта, пријателството и најубавите чувства што ги доживуваат секојдневно, оваа изложба претставува колекција на уметнички дела изработени со страст од малите раце на ученици од различни возрасти – велат организаторите на изложбата. З.А.