Во „Колибри“ објавуваме делови од книгата „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ на познатиот македонски писател за деца Киро Донев.
И ова дело на мајсторот на римите е ведра, интересна и поучна книга, а преку
белешките на сестричката и братчето, двајцата палавковци, ќе можете да ѕирнете во нивниот шарен свет, по нешто да научите, да се насмеете и со нетрпение
да го очекувате секој нареден број на вашето омилено четиво

Низ страниците на македонската литература за деца. „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ на Киро Донев (9)

Еднаш прочитав една ваква мисла од еден чичко писател: „Без чиста вода и здрав воздух во природата, не ни вредат ни животот ни слободата…“
Тоа е така, но има уште една вистина.
Ако сакате да видите и доживеете вистинска природна убавина, појдете барем еден ден – високо, во некоја планина!
Напролет ќе те исполнат со мирислива среќа – најразновидни, непознати цвеќа!
Во лето ти ги нуди планината – жуборот на водите и спокојот на ладовината…
Во есен – жолто злато и разни шумски плодови низ кориите и крај патот!
Зиме, пак, и планината си ја покажува дивината…
На големата шумска трпеза секогаш по нешто има. Од рана есен – па сѐ до зима!
Има и такви плодови што во есен се јадат свежи, а и за зима можете да ги сушите. Такви се дренките, трнинките, глогот и оскорушите!
Ќе прашате, од каде сето ова го знам? Зошто да кријам, ќе ви кажам без срам. Дедо ми е учител во пензија. Тој е жива енциклопедија. Јас секогаш го слушам со љубопитство и со внимание.

Последниот викенд го минав со него на планина. Бевме на Беласица, во неговиот роден крај. Собравме разни плодови за компоти и за чај…
Да бидеш на час во приода со дедо е вистинско задоволство, привилегија и протекција. Еве неколку извадоци од неговата последна лекција:
– Се чини луѓето, Зорке, не знаат „ветерот од каде дува“: Планината и сѐ што е во природата – мора да се негува и да се чува! А еве, гледам дрвјата неконтролирано се сечат. Потоците и реките ѓубришта разни влечат. Излетниците во природата воопшто не внимаваат. Отпадоци сѐ и сешто насекаде оставаат. Тоа е жива болест на природата. Ги загадуваат почвата, билките и водата…Се кршат гранки сосе плодови, се корнат печурки и чаеви. Некои од нив веќе ги нема во некои наши краеви… Со два збора би кажал, но не знам колку вреди: Човекот си ја сече гранката на којашто седи! Природата, Зорке, ни дава, но и од нас треба нешто да прима… За оние што ќе дојдат по нас, по нешто од неа да има!

Вашата Зорка Сештозборка


За авторот

Познатиот македонски писател за деца и млади Киро Донев е роден во селото Моноспитово, Струмичко, на 21 март 1942 година. Беше новинар, главен и одговорен уредник и директор на „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“. Член е на ДПМ од 1970 година. Денес, како пензионер, живее во родното село.
Автор е на голем број книги за деца, почнувајќи од првата поетска збирка „Жаба спикер“, издадена во 1967 година, до последната „Било и се скрило“, издадена по половина век, во 2017 година.
Автор е и на десетина радио и ТВ-драми за деца и млади. Неговите книги се преведени на: српскохрватски, турски, албански, бугарски, украински и руски јазик.
Добитник е на наградите: „Гоцева повелба“ – Подгорци, „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца, „Курирче“ и „Струшко изгрејсонце“ на фондацијата „Македонија презент“ и „Големиот принц“ од издавачката куќа „Феникс“.
Негово последно дело е книгата „Видое Подгорец – незавршена приказна“, романизирана биографија, која Донев ја напишал за својот соработник и пријател или, како што тој честопати знае да каже, „батко и духовен татко“.