НЕГУВАЊЕ НА ТРАДИЦИЈАТА ЗА ПРАЗНИКОТ ИВАНДЕН
Во организација на домот на културата „Драги Тозија“ од Ресен, а со поддршка на локалната самоуправа и Министерството за култура и туризам на Македонија, минатата седмица се одржа традиционалната манифестација „Иванка“, која е дел од богатата празнична култура и препознатлив белег на градот.
Правењето кукла Иванка е обичај што е карактеристичен за празнување на Иванден во преспанскиот крај.
Правењето на куклата започнува со налевање вода во ѓумот, и тоа задолжително од три различни чешми. Главата на Иванката во минатото се формирала од стомна, грлото од стомната се ставало во отворот на ѓумот, така што заоблениот дел ја формирал главата, потоа на неа се ставало платно и се исцртувале очи, уста, нос. Телото се формира од наваличето, кое се врзува околу ѓумот. Вака изработената кукла се става на столче каде што останува да седи до завршувањето на ручекот. Вечерта, девојчињата тргнувале низ ресенските улици. Напред на групата оди едно девојче што ја носи Иванката и сите заедно ја пеат Иванденската песна.
Со народни песни и игри за кои се погрижи КУД „Таше Милошевски“ – Ресен, со посен иванденски ручек, домот на културата „Драги Тозија“ ширум ги отвори своите порти за да ги пречека тринаесетте кукли Иванки, изработени од вештите рачиња на најмладите од Ресен и од селото Јанковец.
Овој обичај не е само спомен на минатото туку и жив доказ за нашата културна самобитност.
– Со манифестацијата сакаме да ја зачуваме оваа вредна традиција од заборав, да ѝ дадеме нов живот и да ја споделиме со новите генерации – велат организаторите.
Водителка на настанот беше Илијана Стојаноска, членка на аматерското драмско студио „Престиж“. Ф.Д.
Иванден е еден од големите христијански празници од летниот циклус, се одбележува на 7 јули и се слави раѓањето на Свети Јован Претеча и Крстител Господов. Во македонската народна традиција овој празник е поврзан со летниот сонцестој, односно со периодот на долгодневицата. Овој празник во годишниот круг празници е симетричен на Божиќ, денот поврзан со зимскиот сонцестој, односно со периодот на краткодневицата. Овие два празника ги поврзуваат и повеќе обичаи и верувања поврзани пред сè со сонцето. Во таа насока се и обичаите и верувањата поврзани со огновите. Ритуалите со билките, исто така, претставуваат еден од најважните елементи поврзани со Иванден, а тие, пак, исто така се остаток од старите словенски верувања.
Со Иванден се поврзани многу обичаи и верувања, но најмногу се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ. Верувањето, пак, дека тој ден играло сонцето или дека се превртувало трипати е поврзано со тоа што Иванден се паѓа во најтоплиот период од годината.
Традиционално за празникот се прават кравајчиња
Најпознат обичај на прославата на Иванден е Тајане. Најдолго се задржал во Прилепско, Битолско и во Крушевско.
Вечерта спроти Иванден момчиња и девојки собирале билки со кои закитувале едно ѓумче и го полнеле со вода од три чешми. Едно од нив, на возраст од 10 до 12 години, го носело ѓумчето на глава и него го викале Тајане, а другите момчиња и момичиња оделе околу него и му пееле пригодни песни. Утрото групата со Тајането одела по дуќаните каде што, исто така, пеела песни и собирала подароци од кои потоа сите заедно правеле заедничка вечера.
Од обичаите што се изведуваат на овој ден повпечатливи се оние поврзани со растението папрат. Имено, вечерта спроти празникот се бере папрат, а тоа, пак, е поврзано со верувањето во неговата апотропејска моќ. Папратот се става на постелата и на него се спие за здравје, а рано наутро на самиот ден Иванден се плетат венци што се ставаат во бавчите за да ги чуваат од разни болести, временски непогоди, како и од други несреќи.
Вечерта спроти празникот жените берат цвеќе што се вика Иванден, кое го ставаат на ковчезите со алиштата за да ги чува од молци. Во Зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека тој ден во Воден, треви лековити „висеет на дуќаните за да имает повеќе покупници“. За вакво вадење од ковчезите на најубавите облеки пишува и Кузман Шапкарев, кој напоменува дека надвор ги чуваат до заоѓањето на сонцето за да не ги јадат молци.
Марко Цепенков сведочи дека во Битола спроти Иванден „Ќе нанижат еден ѓум со секакви цвеќиња и ќе му клаат тел од невестата што гувеела. Ќе го покријат со еден превес и ќе му го клаат на некое дете на глаа, да го носит. После ќе се ватат девојчињата рака за рака, секое спроти бојот, та ќе одат од чешма на чешма пеејќи една влашка песна вака: „Тајани, ѓанизмата кок’ за, ќи к’ за“ и др. Утрото ќе шетаат по куќите и ќе пеат та ќе му даваат кај пари, кај брашно, кај масло и др. Од собраното зајре ќе направат и сите ќе ручаат, а парите ќе си и делат или ќе и купат нешто емиш за јадење. Во Крушоо клаваат во ѓумо прстење и кој ќа биди пообелен таа мома побрго ќе се мажи“.
Иванден во преспанскиот крај
Според еден запис на Ѓорѓи Киселинов, во минатото во преспанскиот крај Иванден бил празник на момите. Тие еден месец порано се подготвувале за празнување. Се собирале во некоја куќа во маалата и со песни и веселби ја подготвувале куклата наречена Иванка. Преку дента момите во полето собирале иванско цвеќе и лајкучка (боливач), а други по куќите собирале пари, потоа брашно, циронки (сушени риби), суво месо и плодови.
Следниот ден по Иванден ја растурале куклата, секоја мома си го земала својот украс, дел од облеката од куклата, по малку вода од ѓумот во чаша и по еден или два страка иванско цвеќе и лајкучка. Тогаш го сечеле кравајчето и раздавале касаи, кои момите заедно со водата и цвеќето си ги носеле дома. Момите што собирале брашно сега разнесувале од кравајчето во секоја куќа од каде што зеле брашно за да каснат домашните за здравје, а момите за скорешна свадба.
Во Мала Преспа, според сведоштвото на Стерјо Спасе, на Иванден се пеела песната:
Ивано, Иван девојко,
качи се горе
на Иванови врвови,
да видиш поле втасано,
втасано и обелено!
да видиш пченица класана,
да видиш снопје врзани.
Ивано, Иван девојко,
што си вечера зготвила?
-Погача, пресна ржена,
циронќи со штир варени.
Википедија на македонски