Фото: Приватна архива

Во посета на 3-4 во ООУ „Климент Охридски“ од Прилеп

Мојата љубов кон театарот се трудам да им ја пренесам на моите ученици, бидејќи театарот не е само зграда и сцена туку тој е и начин на живеење. Заедно со моите ученици подготвувам драматизации со невообичаена содржина и невообичаени ликови, како Црвенкапа што не се плаши од волкот, нејзината баба е банџи-скокач, волк што трепери пред Црвенкапа, заспана убавица што ниту спие ниту сака принц со бакнеж да ја разбуди и разни заскитани ликови низ приказните, вели наставничката Катерина Макалоска

Ретко има возрасни луѓе што не се сеќаваат на првата учителка, на школските другарчиња, на палавостите од училишниот живот. Низ живеењето, многу нешта се случуваат, а голем дел од нив се забораваат. Сепак, со чувство на некоја далечна радост, со носталгија и со насмевка секогаш се сеќаваме на случките од училишните клупи.

Времињата се менуваат, па и училишниот живот се менува од генерација на генерација.

Кампот во Крушево – најдраг спомен од летото

Денес во, според многумина, најубавото училиште во Прилеп, ООУ „Климент Охридски“, во трето четири одделение учат: Хана, Никола, Матеј, Хари, Петар, Димитар, Зарина, Игнат, Андреј, Дарио, Димитрина, Дамјана, Максим, Ема, Трифун, Јана, Вања, Климентина и Давид, а нивна наставничка е Катерина Макалоска.
По навидум долгиот летен распуст, кој за учениците траеше колку еден викенд, пораснати за неколку сантиметри, извишени, попаметни и похрабри, второодделенците од јуни, овој септември се вратија во клупите како големи третоодделенци.

Ги прашавме како го поминаа летово, а тие ни кажаа дека многу уживале, особено во летниот камп во Крушево, каде што неколку дена се дружеле меѓусебно, но и со други дечиња, со неколку наставнички, меѓу кои и со нивната најдрага наставничка Катерина.
– Бевме на летен камп. Дваесет и четири часа сите заедно се дружевме, игравме, се забавуваме. Без мајки и без татковци, зашто таму, учителките се и мајки и татковци. Кампот во Крушево е едно искуство што нѐ научи на самостојност – ни раскажаа тие.

Проверка на прочитаното за првиот училиштен ден

Како што ви откривме во претходното издание на „Колибри“, токму на овие третоодделенци, на први септември годината им започна невообичаено. Но тоа, нам ни беше повод да ги посетиме на нивните часови за читање, раскажување, пишување и цртање, па дел од сработеното ќе ви го претставиме овде.
– Цели 82 дена учениците уживаа во летниот распуст со најразлични игри, но се надевам, не заборавија на читањето на лектирите. Тоа е од огромно значење за сите ученици, посебно за тие од одделенска настава, каде што, освен брзината на читањето, важно е да се разбере прочитаното. Токму поради тоа, првиот училиштен час на третоодделенците на кои им предавам им започна малку необично, со работен лист: читање со разбирање. Учениците самостојно прочитаа басна од задолжителното лектирно дело за трето одделение, одговорија на прашања во врска со содржината и ја илустрираа – ни откри Катерина Макалоска.

Остварени детските соништа на учителката

Но пред тоа, ќе се навратиме на почетоците на наставничката Макалоска, но и на моментите кога овие големи третоодделенци беа малечки првачиња. Наставничката Кате, како што си ја нарекуваат нејзините ученици, како одделенска наставничка работи од 2007 година. Ни откри дека уште од дете мечтаела за три нешта, да биде учителка, да носи розов фустан на сопствената венчавка и да има син. Сите три желби ѝ се оствариле и сега бескрајно ужива во миговите минати со нејзиниот син Марко, со сопругот и со своите ученици.

Според неа, да се биде наставник е интересна професија, но да се биде посветен, креативен и мотивиран наставник, тоа е предизвик. Катерина вели дека ужива во секој миг поминат со своите ученици. Со оглед на тоа што таа е голема вљубеничка во театарот, првата активност што ја реализирала кога нејзините третоодделенци биле првачиња, била посетата на театарски фестивал за деца „Силјан штркот“, кој токму деновиве по шести пат се одржува во Прилеп.
– Мојата љубов кон театарот се трудам да им ја пренесам ним, бидејќи театарот не е само зграда и сцена туку театарот е култура и начин на живеење. Заедно со нив подготвувам драматизации со невообичаена содржина и невообичаени ликови, како Црвенкапа што не се плаши од волкот, нејзината баба е банџи-скокач, волк што трепери пред Црвенкапа, заспана убавица што ниту спие ниту сака принц со бакнеж да ја разбуди, залутани ликови низ приказните. Моите ученици се деца од акција, љубопитни. Сакаат сѐ да доживеат. Посетуваме различни институции и се запознаваат со нивната работа: лабораторија, противпожарна и полициска станица, стоматолошка и општа амбуланта. Се запознаа со училишниот робот „Мајнд“ и преку игра научија каков оброк да одберат за да имаат здрави заби – восхитено ни раскажа наставничката Катерина Макалоска.

Родителите – чести гости во наставата

Секако во согласност со современите воспитно-образовни текови, важна е и вклученоста на родителите во училишните активности, па така, учениците и наставничката често држат работилници со родители, на кои заеднички учат, творат и работат. Во рамките на рубриката „Кај мама и тато на работа“ имале и посета од мајка, која е лекарка по професија и која им одржала многу интересно предавање и ги почестила учениците со витамини и со топол чај.

Меѓу мноштвото активности што трајно ќе останат во меморијата на овие умни глави се и посетата на животинска фарма, посетата на институцијата ЕВН, на фабриката „Витаминка“…

Децата од ова одделение учеле за растенијата, имале сензорна едукација, се вклучиле и во акцијата „Фрли цветна бомба“ во соработка со СОУ „Орде Чопела“…
– Во трето одделение нѐ очекуваат нови авантури исполнети со мистерии. Скелетот и движењата на човекот и животните се една од нив, па преку пантомима учениците препознаваат кое животно го имитира неговиот соученик. Вселената и небесните тела ќе ги запознаат преку посета на планетариум – ни откри наставничката Катерина Макалоска.

Разиграни и љубопитни ученици

Секако има многу интересни случки, бисери и смешки низ животот на овие љубопитни и досетливи третоодделенци. Тие ни раскажаа дел од нив, а ние ќе ви пренесеме три, за со насмевка да го завршите читањето на овој текст, како што ние со насмевка ја завршивме посетата на 3-4 одделение во ООУ „Климент Охридски“ во Прилеп.
Наставничките на почетокот од годината собираат парични средства, кои се користат за одредени активности во текот на годината. Еден татко одлучил сите средства за целата година да ги уплати наеднаш. Неговата ќерка слушнала дека тој пред да дојдат во училиште се пошегувал и искоментирал дека сите пари ќе ги потрошат за во училиште и ќе немаат веќе пари.

Кога таткото ѝ ги предал парите на наставничката, детето го видело тоа. По таткото, влегло друго дете да донесе пари, па наставничката низ смеа прокоментирала: „О-хо-хо, колку пари, ќе си купам чевли со високи потпетици“.

Девојчето кога отишло дома веднаш му рекло на татко си:
„Тато, нема веќе давање пари за на училиште. Повеќе да не даваш ни еден денар. Наставничката пред сите рече дека со тие пари ќе си купи штикли“.
Следна случка е кога едно девојче отишло дома исплашено и им соопштило на своите родители: „Кате (мислејќи на наставничката) ќе си оди“!

Кога ја прашале каде ќе оди наставничката, девојчето отсечно одговорило:
„Само урламе, само врескаме, многу ја нервираме. Рече ќе оди во ’видвиделија‘ и веќе не се враќа“.

Бидејќи при крајот од секојдневните училишни дружби, наставничката Кате на своите сакани ученици им упатува убави желби како „ви посакувам убав ден“, „ви посакувам убав викенд“ и слично, едно учениче на тоа одговорило: „Учителке, ти посакувам убав живот“.

Којзнае уште колку нови досетки и бисери ќе произлезат сега во трето одделение од оваа учебна година, која е на самиот почеток. Којзнае уште колку многу нови нешта ќе научат третоодделенците од трето четири од ООУ „Климент Охридски“ од Прилеп. Ние будно ќе ги следиме. А сега уживајте во нивните изработки и творби.


Мојата татковина

Мојата татковина
Македонија
се вика,
убава е и лична
нацртана како
слика.

Со високи планини
и езера мирни,
со брзи реки
и полиња ширни.

Крушево,
Охрид, Битола
убави градови
се знај,
а мојот град
Прилеп
најубав е во мај.

Андреј Когој,
ученик во 3-4 одделение во ООУ „К. Охридски“-Прилеп


Мојата наставничка

Мојата наставничка
Катерина се вика,
убава е како слика.

Нашата наставничка мила,
како мајка, ни дава
сила,
нѐ учи букви, бројки, сказни,
ни кажува приказни разни.

Зборови читаме,
домашни пишуваме,
како мравки сме
вредни,
и многу сме уредни.

Вања Руневска,
ученичка во 3-4 одделение во ООУ „К. Охридски“-Прилеп