По двете недели поминати во викендичката кај Влатче, сите се вратија дома во Скопје. Вики и Влатче беа среќни и задоволни, а нивните родители им беа благодарни на своите деца што се послужија дури и со трикови, само и само да отидат во викендичката во Соње и да останат подолго време. А Скопје како Скопје, топло и во август, но мирно и празно без луѓето од другите градови и без студентите.
Влатче нема брат, ниту сестра, а Вики го има поголемиот брат Борјан. Ви го спомнав само тогаш кога требаше да одат на село кај биволите. Можеби се чудите зошто го нема во овие приказни… Ќе ви кажам. Тој е веќе средношколец и не сака баш многу да се дружи со Вики со Влатче, а и со родителите… Вики еднаш шушна дека имал девојка, а и тој си е по спортот… Пливач е. Од следната недела ќе им биде и инструктор по пливање на малите летувалци крај Охридско Езеро. Додека Вики играше некоја игра на компјутерот, Борјан лежеше на креветот во детската соба и слушаше музика…
Ги извади слушалките и ѝ рече на Вики…
Ај да те носам следната недела на езеро…
Каде?
На Охридско Езеро… Ќе има шеесет шестоодделенци што од септември ќе бидат седмо. Треба да ги обучувам да пливаат, таман ќе те научам и тебе…
Сакам. Ама тато и мама дали ќе ме пуштат?
Зошто да не те пуштат, цената е многу мала, а и со мене си?
А Влатче може да дојде?
Аман со тој Влатче… Како сабота и недела сте… Ама знам што е работата јас… Да не ти е симпатија?
Вики се вцрвени. Го тресна Борјан со перницата и почна да плаче.
Хи-хи-хи се изнаклешти Борјан. Е добро де, не лути се… Не реков нешто лошо… Што се однесува до него, нека си ги праша родителите… Таму спиете во кампови по шест деца во соба. Да си знаеш, делите тоалет, а храна ќе има обезбедено.
Не доаѓа предвид – рече тетка Горде… Веќе се нема пари за ништо, а за неполн месец еве ти ја школската година, па купувај ранци, книги, тетратки, моливи… Јас сакам да одите, не дека не сакам… Знам што значи да се оди на летување во летувалиште, ама едноставно мислам дека и за нас, а и за вас тоа е голем трошок – ѝ објаснуваше тетка Горде на тетка Славица.

А бе, Горде, и ние сме шворц. Туку знаеш што си мислам, можеби може таму да помагаат нешто, па така да им излезе бесплатно летувањето… Ќе го прашам Борјан дали има таква можност – одговори Славица, мајката на Вики и на Борјан.
Борјан кажа дека секое лето, освен спасувачи, инструктори по пливање и воспитувачи, таму се потребни и средношколци што работат во кујната, а како распределувачи на храна можат да работат и основци, да поделуваат сокчиња, леб, прибор за јадење…
Вики и Влатче со радост ја прифатија оваа можност и за една недела заедно со Борјан, со автобус тргнаа од Скопје до Охрид.
Кога стигнаа, веќе од автобусите се растовараа десетици основци од Битола, Прилеп, Скопје, Кочани, Радовиш, Велес…
– Ејј… здраво Симе – како си? – му рече Вики на едно дете.
– Од каде го знаеш? – праша Влатче…
– Симе е од Радовиш, се запознавме на државниот натпревар по биологија – раскажа Вики
– Е па, штом има и познати деца тука, ќе биде уште позабавно – рече Влатче.
Откако се сместија во камповите, децата веднаш ги ставија гаќичките за капење и со нетрпение чекаа да го чујат свирчето на воспитувачите, што значи – може да се оди на плажа.
Штом се слушна свирчето, сите потрчаа кон плажата… И како што си оди редот… малку загревање, па прскање, играње со топка, меѓусебно запознавање и сето тоа под будното око на воспитувачите, спасувачите и инструкторите по пливање, а еден од нив беше и Борјан, братот на Вики.

Свирчето свирна двапати, тоа значи дека е време за првиот час по пливање…
Кој мавта, кој се плаши, кој пробува, кој се откажува, па плачки, па црвени очи, па некој изгорел по грпчето и носето… сѐ како што бидува на едно летување.
Вики и Влатче не се некои којзнае какви пливачи, ама знаат да се снајдат во вода, а плус сега ги следеа и инструкциите на Борјан, па од минута на минута стануваа подобри… Бидејќи нема мешање, Вики е во соба со девојчиња, а Борјан со момчиња… Меѓу другите и тој Симе што го познава Вики е во собата на Влатче… Со него се и Гоце од Прилеп, Петар од Велес, Александар од Скопје и Ангел од Кочани.
Со Вики во иста соба се близначките Милена и Милица од Битола, Сашка и Ангела од Скопје и Елена од Прилеп.
По часот по пливање, додека другите летувалци сѐ уште уживаа во задоволствата што ги нудат водата и плажата, Вики и Влатче отрчаа во кујната за да помогнат, да наместат, да сервираат, бидејќи се ближеше времето за ручек… По ручекот, сите малку одморија, потоа пак на плажа, капење, сончање и на крајот омилените муабети на брегот во квечерината…
Кога тргнаа да си одат за да вечераат, Вики и Влатче многу се вознемирија… Целата плажа личеше на ѓубриште, а пластични шишиња и лименки лебдеа во крајбрежната вода.
Следното утро Борјан и другите воспитувачи по појадокот, наместо да дадат знак за да се оди на плажа, прашаа:
– Каде ќе одиме сега?
– На плажа – извикаа летувалците.
Е на плажа, ама нема повеќе плажа… Ја снема плажата. Сега наместо плажа има ѓубриште од ќесиња, лименки, шишиња, пакувања од кроасани, од смоки, од гумени бомбони и од сладоледи…
Сега додека не се собере сѐ од плажата, нема ниту влегување во вода ниту час по пливање. Тој што ќе фрли некаква амбалажа или каков било отпадок, еден ден не доаѓа на плажа. Ако ви се трошат овие прекрасни седум дена за седење во кампот, тогаш тоа е ваша одлука. И денес нема капење. Денес ќе имате часови по екологија, и тоа цел ден.

Вики и Влатче почнаа со легендите за настанувањето на езерото, за местоположбата на езерото, продолжија со видовите риби и карактеристиките на водата…
И знаете што, ова е едно од нашите три природни езера што ги имаме во нашата Македонија. Ако сакаме секое лето да уживаме, да учиме да пливаме, да разговараме и да ловиме риби, мора езерото и неговата околина да ги одржуваме беспрекорно чисти.
Идните седмоодделенци, малку засрамени, научија многу информации за езерото од Вики и од Влатче, кои иако се помали по возраст, сепак се многу поголеми екологисти. Неколку од поголемите деца им предложија на Вики и на Влатче секој ден пред да одат на пливање, да одат сите заедно и да чистат по една плажа дневно, да одржат час и да ги поттикнат сите летувалци да внимаваат како се однесуваат доколку сакаат да уживаат во волшебниот крајолик на Охрид.
Така и беше… Кампот стана пливачко-еколошки, а по седум дена со тешки срца децата ги напуштија прекрасниот Охрид и езерото, чии бранови ги запишаа спомените на овие млади, шеговити, игриви, немирни, но сепак разумни летувалци.
Утрото пред да тргнат кон Скопје, Влатче отрча сам кон плажата, ги погледна уште еднаш езерската шир, чистото небо и зелената околина, а потоа со стапче на песокот нацрта срце и испиша: Вики и Влатче. Потоа го зеде мобилниот телефон и го фотографираше тоа што го нацрта. Потем, клоцна со ногата и напишаното се избриша… За неколку дена ќе дојде септември и ќе тргнат на училиште. Можеби тогаш ќе ѝ ја покаже оваа фотографија на својата другарка или на својата… симпатија и екособорка Вики.


Потсетник!

На 12 август се одбележува Меѓународниот ден на младите