Под мотото „Едно небо за сите“, во организација на Детската амбасада за сите деца во светот, и оваа година на Божиќ, традиционално, по 17-ти пат, се одржа заедничкиот божиќен ручек за 500 деца од различни градови од Македонија. На заедничка трпеза седнаа деца од Прилеп, Скопје, Битола, Тетово, Крушево, Охрид, Струмица и од други места, деца од сите верски заедници, кои се дружеа и празнуваа, радувајќи се и притоа упатувајќи пораки за радост, среќа и безгрижно детство.
На божиќниот ручек атмосферата беше одлична. Се пееја божиќни песни, додека членовите на студиото „Зодијак“ од Прилеп ја направија традиционалната поворка и пред импровизираната пештера ја искажуваа радоста од Христовото раѓање.
– Посветени сме на единството на децата. Сакаме да бидат сплотени и под едно небо, без никакви разлики по верска, етничка, јазична или каква било друга определба на децата, да се дружат и да празнуваат. Ништо не е позначајно од среќата на децата, па затоа на божиќната трпеза заедно се дружат деца од сите верски заедници – посочи Петар Стојаноски од здружението.
Александра Северкоска Стојаноски, извршен директор на Детската амбасада, градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, и митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски, г. Петар, упатија порака за мир, благосостојба, радост и безгрижно детство на сите деца.
Прилепскиот градоначалник, кој на децата им подари новогодишни пакетчиња, порача годинава да биде година на среќа, сплотеност и дарување.
– Божиќ е празник на љубовта и хуманоста и во овие денови, секој од нас, според можностите што ги има, треба да им помогне на оние на кои помошта им е неопходна. На децата без родители, децата на бранителите, децата со посебни потреби, како и на децата членови на Детската амбасада за сите деца во светот, им посакувам многу здравје, радост, среќа, успех и безгрижно детство. Секоја година, ние како локална самоуправа го поддржуваме овој настан и оваа година, исто така, за децата обезбедивме новогодишни пакетчиња – истакна Јовчески.
Годинава организаторот, Детската амбасада за сите деца во светот, им додели благодарници на реномирани компании и на танц-студиото „Зодијак“ од Прилеп. Ка.М.
И Бадник и Божиќ
И оваа зима
и Бадник и Божиќ,
празникот празник претставува.
Од шумата пресечено
дабово гранче
домот ќе го украсува.
За среќа во дворот
распрскани жарчиња.
Утрово весели гласови
од младите коледарчиња.
Во снежните денови
камбаните одѕвонуваат.
Христос се роди!
Честитаат, наздравуваат.
За добрина.
Да родат полињата.
Овој ден е вечно
вгнезден во времињата.
Васил Мукаетов