Фото: „Нова Македонија“

На крајот од учебната година

Јуни е веќе. Со него ќе дојде и сонцето. А и крајот на учебната година. Тоа ќе им донесе радост на децата. Зашто, сè помалку им се останува во клупите. Училницата им станува претесна.
– Што ви е, ученици!? – ги прекорува наставничката Валентина. – Вам ви е здодевно на часовите?! Причекајте уште малку. Брзо ќе дојде крајот…
Сега сите во одделението молчат. А погледот им бега надвор, низ прозорците. И да сакаат, не можат да го скријат тоа.
– Ајде, за овој час… – се подзамисли таа. – Ќе му испратиме кратки пораки на летото. Кој што посакува, тоа и ќе му напише…
Таква е нивната наставничка. Кога е време за игра – се игра весело. Кога се учи – сите учат, зашто, се бара знаење од нив.
И ги наведнаа главите над тетратките. Пишуваат. Минутите од часот течат. Секој сака да му испрати најубава и најтопла порака на летото.
– А сега, толку… – ги прекинува наставничката. – Пораките не треба да бидат долги, ами убави. Да чуеме што сте напишале.
Најпрво прочита Софија:
„Лето мило, донеси ни насмеано сонце и топли денови. Зашто, нема да се викаш Лето, ако си без сонце!“
Еве што напиша Давид:
„Сакаме и дожд, летен и топол. За да биде сè зелено и весело. Не сакам полјанката на која играме да биде сува. Сакам тревата да е зелена!“
Еве што му порача и Елена:
„Со родителите ќе летуваме во Охрид. Го молам летото да ја одржува топла водата во езерото. Многу го сакам капењето, затоа.“
Потоа со своите пораки се јавија: Мартина, Јована, Дамјан, Ангела… Сите од одделението. Имаше време од часот секој од нив да ја прочита пораката. И секој посака нешто свое и поинакво од другите. Како летото да беше волшебник и може да им ја исполни секоја желба.
– Прекрасно! Летото ви е омилено. Тоа се насетува и во пораките што му ги упатувате… – се смешка наставничката. – А и јас ви посакувам да ви се исполнат желбите. Верувам дека тоа и ќе се случи. Затоа, пак, секој од вас, за убавите пораки, ќе добие и убава оценка на овој час!
Молк и насмеани лица.
– Дали сте задоволни, ученици?
Не требаше одговор. Насмевките одговорија на нејзиното прашање.
– Ако е така, имајте убаво лето, мили мои! Највесело и безгрижно – им посака.
– А ученици како вас, тоа и го заслужуваат!

Горјан Петревски


Во јуни ноќе

Во јуни, ноќем чунот
врзан за брегот на ѕвездите стои
и секоја птица во клунот
носи кутиче со збучни бои.

Во јуни, ноќем изворите
јурат низ долината и грмат
и полни се на сонот просторите
со златно цвеќе и со срма.

Со милијарди виолини
во јуни, ноќе, штурците свират
до брегот на морињата сини
чаршафот на музиката го шират.

И блеска, штедро,
ноќе, сѐ во јуни:
во Северното Море пука ледот,
пчеларникот ѕвезден само ѕуни,
и в сонот ваш до зори
капе медот.

Ефтим Клетников


Златното фенерче на летото

Како златно фенерче
од детството
како паричка стара
така по ридот потсветнува
светулка, нежна, мала.

Во ноќта како некој златар,
ридот го позлатува,
а во мугрите, на спиење
кон житата се упатува.

Светуле, златно фенерче
на летото,
велат дека среќа носиш.
Штом е така, светкај
ѝ на ќерка ми
во нејзините расплетени коси!

Рајко Јовчевски


Светулки

Нежни како ѕвездички
во ноќите летни,
летаат низ шумички,
крај ливади цветни…

Тивко, тивко, нечујно,
ни бучат, ни зујат,
треперат и светкаат,
ко да се на струја.

Децата се летово
крај езеро, река,
а таму светулката
навечер ги чека.

Па често се прашувам,
а и тебе дете,
дали и светулките,
се на распуст летен?

Наум Попески


Сите пред фотограф

Во јуни,
во училишниот двор
слика честа.
Еден до еден
основците се местат.

Обврска следна,
-Половина стојат,
половина ќе седнат.
Наставничката,
во средина.
Годинава,
невидена дисциплина.

Порано
не смееше да се трепне.
Додека не речеа:
-Гледај право
врапчето ќе летне.

Денес фотографот
со мобилниот
само ќе кликне.
-Готово
Благодарам, ќе викне.
А фотографијата?
Во боја.
На грбот годината
и датумот стојат.

Во албумот ќе се смести.
Спомените и долги и чести.

Васил Мукаетов