Од творештвото за деца на Миладин Угреновиќ
Првоаприлска
Сега чујте и почујте,
нешто важно ќе ви кажам,
да не би се на прч качил,
ако сега јас ве лажам.
Таму долу крај реката,
осум китови видов, деца,
си играа се смееја,
со страшната баба меца.
А, пак, таму кај трлото,
Марсовци видов зелени,
ги видов кај што јаваат
на пет весели елени.
Уште триста чуда видов,
и Дедо Мраз среде лето,
ако не ми верувате,
прашајте го лажго Мето.
Се скарале кловновите
Се скарале кловновите,
гласови брзо се шират,
кого сега да го викнат
кловновите да ги смират.
Думале што думале,
го викнале дедо Кирил
и за чудо големо
кловновите ги смирил.
Дедо Кирил мудар старец,
кој ли знае што им шепнал,
смеата се врати веднаш,
дур со око дедо клепнал.
Оживеа циркусот,
се разиграа слоновите,
сите сал се среќни сега,
весели се кловновите.
Зошто?
Дали на сонцето
му е жешко,
дали на зимата ѝ студи
и зошто секое утро
зората се буди?
Уште триста прашања
мене ме мачат
и кога сите луѓе
на Марс ќе се качат?
Кажете ми ако знаете
зошто децата растат,
зошто снегулките паѓаат
и на земјата се пластат?
Уште безброј прашања
во главата ми се, ете,
сезнајко сакам да биде
баш секое дете.
Барскиот штрк
На крајот на селото
кај што живее Сара,
во трска обрасната
има плитка бара.
Рипчиња, пијавици
и жапчиња зелени
во барата живеат
одамна вселени.
А таму среде барата
исправен и смел,
везден лови жапчиња
штркот висок бел.
Барата е трпеза
со богата храна,
за стариот штрк
главно мени стана.
Младиот принц
Решил принцот да се жени
да донесе принцеза дома,
од царска лоза да е таа
убава и вредна мома.
Три царства прошетал
не сретнал ниту една,
да биде царска лоза
убава и вредна.
Се уморил принцот млад,
па си тргна дома тој,
да бара веќе нема желба
принцеза од кралски сој.
На враќање пред замокот
кај што цутат бели рози,
убавица тој здогледа
кај што пасе две-три кози.
Тогаш принцот помислил:
„Убава е, а и вредна“
и пред неа вчас клекна
и главата ја наведна.
Се исправи тогаш принцот
и на момата ѝ збори:
„Ќе те земам за невеста,
ќе живееш во златни двори“.
„Барав вредна и убава
во три царства појдов
и на крајот, ете, дома
пред замокот те најдов.
Арно велат старите
„од пишаното не се бега“,
убава и вредна најдов
во царството мое сега!
Кај што децата царуваат
Има еден свет
како во бајките,
таму се среќни
и децата и мајките.
И татковците
и дедовците и бабите,
цел свет е таму среќен
и рибите и жабите.
Тоа е светот на децата
кај што тие царуваат,
нема гладни и жедни
сите се радуваат.
И војни таму нема
никој никого не убива,
сите сложно живеат
секој љубов добива.
За авторот
Миладин Угреновиќ е роден на 4 септември 1957 година во Струга. Повеќе од четири децении континуирано е присутен низ македонската периодична и дневна публикација во повеќе весници, списанија и радиоемисии, како соработник и водител. Беше редовен соработник на неделното енигматско списание „Котелец“, како и на „Просветен работник“,магазинот „Ин“, весникот за хумор и сатира „Остен“ и други.
Го иницира списанието за култура, наука и уметност МИГ (Македонски информативен глас), каде што ја извршуваше дејноста заменик-директор и главен и одговорен уредник.
Освен поезија, Миладин Угреновиќ објавува новинарски текстови, афоризми, македонски народни приказни, книжевно-критички осврти, а автор е и на илустрации (цртежи во боја и графика).
Бил учесник на повеќе поетски манифестации и средби, а неколкупати бил претседател на жири за поезија. Својата поезија за деца М. Угреновиќ ја публикува во списанието „Наш свет“, за првпат како ученик во шесто одделение. Автор е на книгите поезија: „Ангели на мојата душа“, која доживеа две изданија, „Подвалец“, „Кловнот Тото“, поезија за најмладите. Исто така преведуван е на повеќе јазици надвор од земјава. Застапен е во повеќе антологии публикувани во Македонија и во Египет, Русија, Тунис, Бангладеш…
Добитник е на наградата за животно дело во 2023 година доделена од Меѓународниот поетски фестивал „Охридски поетски бисер“. Освен што пишува поезија за деца и младина, преведувач е од српски, хрватски, црногорски и бошњачки јазик.
Добитник е на прва и втора награда за текст на музичкиот детски фестивал „Радика фест“, како и на повеќе домашни и меѓународни награди.
































