Се радувам на дружење со моите другари и другарки, на сладолед во лето, на скијање во зима, на возење велосипед во пролет и… на училиштето во есен!? И самата не знаев дека му се радувам и на училиштето во есен, и тоа до неодамна, само до пред десетина дена, кога… се случи нешто многу необично! Училиштето ни се затвори. А и другите училишта, не само кај нас… Насекаде! Низ целиот свет. Рекоа: смртоносен вирус! Ние, децата, останавме во своите домови. Не смееме да излеземе надвор. Не смееме да си поиграме со другарчињата, да му се радуваме на животот…

Првонаграденото писмо испратено до Меѓународното биро на Светскиот поштенски сојуз во Берн, Швајцарија

30 март 2020 г.
ДОБАР ДЕН, ДОБАР ЧОВЕКУ,

Јас сум едно обично 1-годишно девојче. Се радувам на мали работи, но многу нешта и ме растажуваат. Се радувам на дружење со моите другари и другарки, на сладолед во лето, на скијање во зима, на возење велосипед во пролет и… на училиштето во есен!? И самата не знаев дека му се радувам и на училиштето во есен, и тоа до неодамна, само до пред десетина дена, кога… се случи нешто многу необично! Училиштето ни се затвори. А и другите училишта, не само кај нас… Насекаде! Низ целиот свет. Рекоа: смртоносен вирус! Ние, децата, останавме во своите домови. Не смееме да излеземе надвор. Не смееме да си поиграме со другарчињата, да ѝ се радуваме на пролетта, на цвеќињата. Светот околу нас сега го гледаме само низ прозорското стакло. Со залепени носиња на прозорците тажно гледаме во расцутените дрвја и со поглед го следиме летот на птиците. Нема детски џагор на улиците. Ах, колку се залажувавме, добар човеку, дека го познаваме светот во кој растеме!? И дека тој свет никогаш нема да се промени! А се промени… за еден ден, за миг. И што сега?
Ги сонувам полјаните со разнобојни цвеќиња, каде што можеш да трчаш сè додека те држат нозете; да се вртиш во круг, да танцуваш со ветрот; да се смееш и да пееш, а песната да одsвонува далеку, далеку… Сега си ги замислувам, добар човеку, планините и падините покриени со снежна белина. Ние си играме во снегот, а снегулките ни се топат на дланките. Студот ни ги вцрвува образите, но ништо не ни може! Играта и радоста ни се најважни. И, среќни сме! Си ги замислувам бистрите езерски и морски води, брановите и сончевите зраци. А ние, децата, градиме величествени песочни замоци. И, среќни сме!

Дали мојата фантазија, добар човеку, е реалност? Или тоа само мојот детски разум си „поигрува“ со мене, затоа што не можам да излезам надвор!? Но сега, затворена во четири ѕида, се сеќавам и на еден друг, поинаков, а и… погрд свет. Свет на загадени реки, езера, мориња, океани, на тони разнобојна пластика како плови по водните површини. А и на оној, водниот свет, што се бори за свое место во пластичниот отпад и… за спас од рибарските мрежи. Се сеќавам на уништени планини, исечени дрвја, соголени и опожарени падини. Се сеќавам и на обоениот загаден воздух во зима, оној од кој не можев да дишам со полни гради. Се сеќавам и на мојата жолта маска на лицето. (Разиграните мечиња на неа не можеа да го исчистат воздухот, па затоа и тие беа тажни!) А црните јазици од високите оџаци на блиската централа, се извиваа кон небото како злокобна закана на она што нè чека. Се сеќавам и на ридовите од ѓубре од нечовечка несовесност и на гладните кучиња што бараат остатоци од храна во тој отпад.
Се сеќавам, за жал… На многу нешта се сеќавам. На добри и на лоши.
Но, добар човеку, зар не е поубав мојот свет, оној што си го замислувам? Зашто, не сакам да се сеќавам на она што е лошо! Мојата фантазија зар не може да стане реалност?! Не сакам светот околу нас да остане онаков каков што го оставивме пред десетина дена!? Ние, децата, сакаме разнобојни ливади, чисти потоци, зелени планини, разлетани птици. Сакаме сини езера и разбранувани мориња, сакаме здрав свет. Свет обоен со боите на ѕуницата, распеан од безброј различни гласови слеани во една совршена мелодија што ја пеат сите заедно: и водите, и птиците, и инсектите, и ветрот, и дождот, и животните, и луѓето.
Поздрав до тебе, добар човеку, од едно обично девојче!

Јана Поповска, 6-б одделение ООУ „Елпида Караманди“ – БитолаМенторка: Сузана Петковска