Драги читатели, и во новата 2023 година ќе се дружиме преку содржините што ќе ги подготвувам за омилениот додаток за деца „Колибри“ и, секако, за дневниот весник „Нова Македонија“.
Низ годините на нејзино објавување, рубриката „Балкански писатели за деца во Колибри“ не само што наиде на читателски интерес од ваша страна туку за неа се заинтересирани и голем број творци од Балканот. И ним им се важни вашето внимание, вашиот прочит и вашето мислење за нивното творештво, затоа што знаат дека детската читателска публика е најискрена и најправедна. Така, „Колибри“ токму поради оваа рубрика патуваше до БиХ, Србија, Црна Гора, Хрватска, Бугарија… Мораше во плик, по пошта, во печатена верзија да стигне до авторите што се застапени во „Колибри“, затоа што секој автор ги сака овие волшебни големи страници со мирис на печатарска боја. И покрај сите нови технолошки алатки, пишаниот збор е пишан збор, затоа што трае најдолго и е доказ за она што се случувало.
Денеска ќе ви претставам писател за млади од соседна Србија, кој се вика Александар, како татко ми, а се презива Коциќ. Вели дека е дете, иако е роден во минатиот век и висок е сигурно околу метар и деведесет.
Имав можност да го видам во живо во Кочани, на Деновите на кочанскиот ориз. Верувајте ми, јас поголемо дете немам видено. Ај што е роден во 1985 година, ај што е многу висок, ај што вели дека е дете, згора на тоа тој е судија во Основниот суд во градот Крушевац, а уште, па, пишува и песни. Неверојатно е, но сепак постои.
Тој е автор на две книги поезија за деца: „Детски задевања и лукавства“ и „Дете ко дете“. Несомнено станува збор за еден вешт и прониклив автор, кој создава квалитетна поезија, а со нежноста и љубовта со која ги претставува своите песни, децата веднаш се заљубуваат во неговите стихови и книги.
Покрај улогите на судија и поет, тој е и сопруг на неговата Јелена-Јеца и татко на Јања и Василие – неговите две деца. Денес ви претставуваме една негова песна, за маките што ја мачат една книга. Симпатична и поучна творба, уверете се и сами! Ф.Д.
Грижите на книгата
Разговараа едно сабајле,
една книга и едно момче
на кое баш му е гајле.
Додека седеа крај полица,
момчето стана од столица,
јакната од себе ја слече
и на книгата вака ѝ рече:
Сѐ што пишува во тебе, јас веќе го знам
затоа сега, веднаш, можам
да те искинам,
Јас сум книга и не ми доликува,
да навредувам, да се довикувам
Не зборувај, не знаеш што можам,
да те фрлам, оган со тебе да ложам.
Ѓубрето се фрла, со кибрит
оган се пали
го знаат тоа сите, големи и мали.
Ќе те ставам во витрина,
таму стои-збирај прашина.
Ме памтат и таму штом ме стават
јас паѓам врз нивната глава.
Зар од тебе спас да барам?
Сега ќе те чкртам, шарам.
Подобро би ти било веднаш
да ме прочиташ уште еднаш.
Нема да те фрлам, ниту да те шарам
Ми текна како од тебе да се спасам
Некому jaс ќе морам да те подарам
Книго една, за подарок те огласувам
Е, со тоа веќе и јас се согласувам.
Александар Коциќ
Превод и препев од српски на македонски јазик: Филип Димкоски