Низ страниците на македонската литература за деца: „Чудотворен кавал“ од Ванчо Николески

Нашата порта тропна, внатре, качен на коњчето Дорчо влезе дедо ми и викна:
– Внучко, ела да го врзеш коњчето?!
Брзо стрчав, го врзав коњчето, му турив јачмен во зобницата да зоба и се вратив дома. Чадот од лулето се креваше горе, се виеше и се губеше во таванот на нашата селска куќа.
– Каде беше дедо со коњчето Дорчо? – го прашав.
Бев на пазар во градот на струшкиот учител – одговори дедо ми.
– А од кој град е струшкиот учител? – одговори дедо ми.
-Ти си уште мал – рече дедо ми – Ќе ти раскажам за струшкиот учител, а кога ќе пораснеш, ќе учиш за струшкиот учител и поубаво ќе разбереш…
– Добро дедо – го замолив – но поарно е сега да ми раскажеш. Кој ќе чека дури да пораснам?
Иако дедо ми беше изморен од патот, се согласи да ми раскаже за струшкиот учител. Тој го наполни лулето со тутун, јас со маша му донесов едно жарче, тој го кладе во лулето, тргна два-три пати, се накашла и продолжи:
– Тоа што ќе ти го раскажам се случило во турското време, кога сите бевме робови на турскиот султан. Широка и пространа била турската царевина, а моќен бил нејзиниот владетел – султанот. И затоа Турците велеле:
– Најсилен на небото е алахот, а на земјата султанот!
Султановата најсилна војска биле јаничарите. Во неговата ширна и моќна империја, составена од многу вери и народи, која се простирала дури од Цариград и го заземала целиот Балкански Полуостров, јаничарите секаде сееле смрт, страв и трепет.
Темните и мрачни зандани во Цариград биле преполни со затвореници и осуденици. Со години таму гниеле и умирале македонски родољуби.

– Дедо, мора да им било тешко?
– Да, внуче мое, им било тешко не само на македонските родољуби туку и на целиот македонски народ – рече дедо ми, воздивна и продолжи:
– Еден ден, во 1962 година, со својата придружба, во која се наоѓале неколку учени муфтии, оџи и аџии, султанот влегол во цариградските зандани да ги види и посети затворениците.
Кога семоќниот султан влегол во занданата во негова чест, сите затвореници и осуденици станале на нозе и дури до земја му се поклониле.
Султанот му пришол на првиот затвореник, којшто лежел до вратата и го прашал:
– Зошто си ти осуден? Што си направил?
– Јас ваше величество – одговорил осудениот – убив човек и затоа сум осуден на робија.
– Така ти е тоа… одговорил султанот. – На убијците од моето царство тука им е местото.
Султанот, со својата придружба, му пришол на вториот осуденик и го прашал:
– Ти, зошто си во зандана?
Осуденикот ги скрстил рацете на градите и покајнички му признал:
– Згрешив ваше величество! Милост!
– Згреши ли? А што грешка направи? – пак прашал султанот.
-Украдов голема сума пари и затоа сум осуден и лежам во зандана. Веќе десет години откако тука лежам….
– А, така ли? – налутено викнал султанот. – Од крадците и арамиите никаде не може да се мине низ моето царство. Добро ти направиле! Занданите се подигнати за такви како тебе! – одговорил султанот и со својата придружба продолжи да шета низ занданата и да ги распрашува затворениците…

Во ќошето, на две-три дрвени штици, на искинатата рогозина, лежеше средовечен човек. Брадата му беше долга и небричена. Мустаќите црни. Тој беше болен и немоќен. Единствено црните светли очи како жар, даваа знак дека сѐ уште е жив.
Кога султанот му пријде, болниот одвај се поткрена на лактите од рацете и го погледна право во очите. Гледајќи го така болен и немоќен, султанот го праша?
– А ти, зошто не стануваш?
– Не можам, ваше величество – одговорил човекот.
– Зошто не можеш? – праша султанот. Да не си болен?
– Да, ваше величество, болен сум – одговори човекот.
Како се викаш? Праша султанот.
– Димитрија Миладинов – одговори болниот.
– Што работиш?
– Јас сум учител, ваше величество – одговори Димитрија.
– Учител, даскал – дополни еден муфтија.
-Од каде си?
Се заинтересира султанот.
– Од Македонија, од Струга – одговори болниот.
– Добро учителе, а зошто ти лежиш во зандана? Јас знам дека учителите се чесни луѓе? – праша султанот.
– Како да ви речам – продолжи Димитрија – нема да ме разберете, иако сте султан….
– Како нема да разберам? – уште повеќе се заинтересира султанот.
Така…одговори тој. – Мојата работа е банбашка.
– Добро – рече султанот – да не си убил некого?
-А, не! Не сум убиец! – одговори Димитрија.
– Тогаш да не си украл пари? – уште повеќе почна да се интересира султанот и да ја чеша брадата.
– Не, ваше величество! Не сум крадец, ни убиец, ниту пак злосторник.
– Не можам да те разберам – рече султанот.
– Реков дека не можете да ме разберете! – одговори Димитрија.
– Тежок случај! Тогаш те молам, објасни ми што си сторил? Што си направил? Мора да има нешто, инаку немаше да бидеш во зандана…
– Јас, ваше величество… – почна да објаснува Димитрија – јас сум во зандана затоа што посеав семе…
– Велиш дека си учител – рече султанот – а ваму си сеел семе, да не си земјоделец?
– А, не – одговори тој. – Посеав семе во мајката-земја Македонија. И ќе дојде време, честити султане, семето ќе никне и ќе има богата жетва…
Султанот се збуни, се збунија и луѓето од неговата придружба. Уште повеќе султанот се заинтересира за чудните зборови на учителот Димитрија. Почна да ги прашува учените муфтии, оџи и аџии што значи тоа што го рече учителот.
Еден стар, учен муфтија, со бела како снег чалма, со долга бела брада, почна да му објаснува.

– Тој го учи народот, го просветува… го учи да се ослободи. Ете тоа е неговото семе, семе на просвета, наука, култура и слобода…
– Токму така, ваше височество! – одговори Димитрија и очите му светнаа како молња… – Јас го учам народот – продолжи тој – го просветувам, сеам семе на наука, култура и просвета, семе на слобода. Ќе дојде време, величествен султане, кога мојата мајка – земја Македонија ќе се ослободи од петвековното ваше турско ропство.
– А, така ли? – викна султанот – Ти си бунтовник! Нема да излезеш од занданата! Тука ќе гниеш и тука ќе ги оставиш коските! – налутено рече султанот.
– Јас од тоа не се плашам! – рече Димитрија. – Затоа сум дошол тука. Кој се плаши од врапци, нема да сее семе!
Налутено султанот ја тресна вратата и со своите муфтии, оџи и аџии излезе од занданата…
И султанот го одржа зборот. Истата ноќ, Димитрија Миладинов и неговиот брат Константин, беа отруени во цариградскиот затвор.
– И ти утре – продолжи дедо ми – кога ќе пораснеш, ќе тргнеш на училиште, ќе учиш на македонски јазик…
– Ете, кој беше, драги внучко, струшкиот учител! – заврши дедо ми и пак го запали лулето…