Првиот училиштен ден

Денес Давид на училиште оди,
за рака него, татко му го води,
прваче од денес Давид станува,
но на игрите верен им останува.

На игралиште со Тони ќе играат
фудбал
ќе бројат кој колку голови дал
потоа дома, домашна ќе пишуваат
во учење и во игра пак ќе
другаруваат.

Училиштето не е ништо страшно
и не смее детските игри да ги скрати
мора секое дете од училиште
дома насмеано да се врати.

Во клупите училишни се случуваат
првите љубови во срцата што
пламтат,
а школските другари и првите
учители
вечно се памтат, вечно се памтат.

Филип Димкоски

Првата учителка

Првата учителка
како баба ми приказни реди.
Ама, не ми е баба.

Првата учителка
Ме сака како сосетката,
до мене што седи.
Ама, не ми е сосетка.

Првата учителка
како тетка ми за мене се грижи.
Ама не ми е тетка.

Првата учителка
како мајка ми, мојот лик
пред себе го гледа и кога мижи.
Ама, не ми е мајка.

И на крајот, да ја завршам оваа бајка.
Мојата прва учителка ми е сѐ:
и баба и тетка и сосетка,
а најмногу втора мајка.

Нада Зафировска Матиќ

Се враќаме

Септември
нѐ изненадува
полека нѐ разладува.

Потсетува:
беше што беше со летувањата
и игрите по маалата
се враќаме
како ластовички во седалата.

Лектирите прочитани,
ранчињата подновени,
книжарниците – отворени.
Подновени и училниците,
нови и учебниците.

И со другарчето
клупата што ќе ја делиме
од четврто во петто
ќе се преселиме.

Џагорот од улиците
стаса и во училниците.
И соседите радосно сфатија,
основците се вратија!

Васил Мукаетов

Првачиња

Ива и Горазд првачиња се две,
да учат, да научат, сакаат сѐ!
Да научат тие, букви и бројки
за оценки, не помали од тројки!

Да научат нови песни и сказни
стихотворби и приказни разни,
да научат да бројат од еден до сто,
Да научат во животот што е што!

Да пишуваат во тетратки лесно,
од лево, право по линија, десно,
да пишуваат букви големи и мали,
Зборови цели, ништо да не фали!

Учителката нивна е добра и мила,
со поглед топол што дава сила,
со нежна рака што знае да гали,
со срце-дар за дечињата мали!

Панде Манојлов

Септември

Септември е волшебник,
Слезе од ридиштата,
со лисја пожолтени,
ги покри патиштата.

Прошета низ лозјата,
ги собра гроздовите,
од гранките стежнати
ги скина плодовите.

Со песна ги разбуди
од сон училиштата,
со слики ги украси,
ги смете двориштата.

Ги изора нивите,
ги замати реките,
со брашно од пченица
ги наполни вреќите.

Септември е волшебник
насекаде патува
со четка невидлива
и гори позлатува.

Стојан Тарапуза

Табла

Што сѐ мора да издржи
таблата на ѕидот!
Шкртаници, слики смешни,
пораки што тајни кријат
и сечии грешки…

На таблата многу често
и срца ќе видиш,
прободени со стрелички
и со букви две,
што сосема се доволни
да ви кажат сѐ!

Најтажна е сепак таа
кога празна зјае,
кога креда не ја чешка
кога чиста сјае…

Стојан Арсиќ