Залез
Румено, Румено, Румено.
Како занесна песна
во синото море
на горите
тоне
залезот.
Од тревите до кавалот
од стадото до облакот
сѐ е бујно
запалено.
Од градите до песната
од чекорот до чешмата
сѐ е чудно
разгалено.
Стадо в кавал заљубено
ѕвоно в песна изгубено
око в божур залудено.
Румено, Румено, Румено.
Матеја Матевски
Бистри води
Бистрите води езерски
во утрото блескаат,
галебите бели, нежни
по нив се брскаат.
Сонцето со гордост
од Галичица се појавува
денот блескав и топол
тоа го најавува.
Неговите зраци
во водите се огледуваат
рипчињата и птиците
тие нежно и мајчински
ги погалуваат.
Благородна Тодоровска
Никодиновска
Не е за чудење
Нем е морскиот свет
за Ранко тоа не е
за чудење
Зашто знае:
Со уста полна вода
Нема риба
што може да говори
Ниту пак морско куче
да лае.
Трајче Кацаров
Се прашувам
Цела вечер размислував,
одговори барам смели:
– Зошто морињата се разнобојни,
црни, жолти, сини, бели?
Некои се ко солза чисти
а други ко жар црвени.
Некои се многу матни
други темни и зелени.
Ги прашувам баба, дедо
дали нешто знаат тие.
Во кој долап, не знам каде,
тоа знаење се крие?
Да прашувам нема корист!
Книга зедов јас во рака
и одговор сам си најдов –
и научив сѐ без мака!
Стојан Арсиќ
Одмор
И езерата сини
и ливадите зелени
во детските срца
се населени.
Ќе се најдат тука и горите
додека траат одморите,
додека децата трчаат,
играат и пливаат
и… уживаат.
А кога ќе си дојдат дома,
во куќите и становите,
со нив ќе бидат
боровите и брановите.
А можеби и птиците
ќе долетаат на полиците.
Димитар Алачки