ВИЕ НИ ЈАВУВАТЕ: УЧЕНИЦИТЕ ОД ООУ „ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ“ ОД СТРУМИЦА ЈА ПОСЕТИЈА РИМСКАТА ТЕРМА

Најпрво во хотелот „Цар Самуил“ учениците проследија ПП-презентација за животот на луѓето во античко време, а потоа на самиот локалитет, облечени во тоги, преку
визуелно и вербално објаснување се запознаа со начинот на функционирање на термата и сите откриени простории, како и со обредот капење

Крајот на учебната година не е само почеток на летен одмор туку е и крај на еден образовен период, но и разделба. Учениците од 5-В од ООУ „Видое Подгорец“ од Струмица се разделија од својата наставничка Соња Цицимова, но како што тоа многу значи за нив, така тој свечен и по малку тажен момент е од особено значење и за нивната наставничка.

ЕДНО ПОИНАКВО ЗБОГУВАЊЕ

Токму затоа таа одлучи тој ден на официјално збогување да се случи на необично место, да биде со оригинални активности, интересен и да претставува незаборавно доживување.
– Сè беше изненадување. Учениците знаеја само дека во согласност со наставните содржини од предметот Историја и општество ќе посетиме археолошко наоѓалиште. А, такво место постои во подножјето на Беласица, во с. Банско, дваесетина километри оддалечено од Струмица – ни раскажа наставничката Соња.

Костадин и Глигор имаа необичен роденден

Но до изненадувањето, наставничката ја чекале голем број предизвици. Еден од нив бил и тоа како да се стигне до с. Банско. Но, за среќа, Струмица од неодамна доби јавен превоз, па веселите петтоодделенци со наставничката до саканата дестинација патувале со електричен автобус. За некои од нив ова било првпат да се возат со јавен превоз, а секако најголем дел првпат користеле електричен автобус.

Посетата на големата терма, односно споменичната целина Бања Банско, била реализирана во соработка со НУ Завод и музеј од Струмица, а вклучувала и едукативна презентација.

ПАТУВАЊЕ НИЗ ВРЕМЕТО

– Најпрвин, во хотелот „Цар Самуил“ учениците проследија ПП-презентација за животот на луѓето во античко време, а потоа на самиот локалитет, облечени во тоги, преку визуелно и вербално објаснување се запознаа со начинот на функционирање на термата и сите откриени простории, како и со обредот капење – објасни наставничката Соња.

Љубопитните петооделенци

Учениците се едуцираале и за начинот на археолошкото истражување со кое пред околу 50 години е откриена термата, која датира од 3 век од нашата ера. Објаснета беше и врската на лекувањето во античкиот период со денешното лекување во современиот спа-центар „Цар Самуил“ со истата термална вода што извира повеќе од 2.000 години на истото место под планината Беласица.

Сите овие нешта на учениците им ги претставиле стручните лица, архитектката советник-конзерваторка Славица Тасева и докуементаторката Зорица Костадинова.

Наставничката Соња со возбуда ни раскажа дека кога ќе се зачекори кон археолошкиот локалитет Римска терма, чувството е како да патуваш низ времето.

Историјата е учителка на животот