Растев јас со „Колибри“, растеше и тоа со мене. Доживувавме промени. Некогаш бевме полетни, некогаш бевме задумани и зачудени, некогаш се запрашувавме… Но растевме заедно, растеме заедно. Среќа е да се лета со „Колибри“. Посакувам летот да продолжи!

„Колибри“, единствениот додаток за деца на дневниот весник „Нова Македонија“, на 6 јули ќе наполни 66 години

Сечиј живот е полн со предизвици, обврски и многу многу случувања што го водат нашиот живот во еден или во друг правец и никако не треба да се помисли дека тие нешта се случиле случајно. Во животот не постојат случајности и сѐ си има своја причина.
Така „случајно“ пред петнаесет години се случи мојата „средба“ со „Колибри“, единствениот додаток за деца во македонскиот дневен печат, чиј прв број во дневниот весник „Нова Македонија“ излегол пред точно 66 години, односно на 6 јули во далечната 1958 година.
Во дворот на црквата „Св. Спас“ во Охрид пред вечното почивалиште на нашиот великан Гоце Делчев, писателката Бистрица Миркуловска ја соопшти адресата на „Нова Македонија“ и „Колибри“ на која требаше да ги испратиме нашите впечатоци за тековното издание на фестивалот „Ракатки“, кој беше актуелен тие денови.
Јас не слушнав точно и повторно прашав, а госпоѓа Бистрица рече дека треба внимателно да се слуша, а не да се препрашува, па така останав без адресата. Мислев дека ќе треба да чекам цела една година, но пред тоа, новинарката Каролина Мицевска веќе пишуваше за мојата прва книга на страниците на „Колибри“, а по моето учество на „Струшките вечери на поезијата“, уредничката Марија Таушанска Анастасовска побара од мене текст за впечатоците, кој беше објавен во рубриката „Вие ни пишувате…“

Растевме заедно

И така… детето Филип Димкоски стана тинејџерот Филип и продолжи да пишува за „Колибри“. Тинејџерот Филип стана средношколец и продолжи да пишува за „Колибри“. Средношколецот Филип стана студент и продолжи да пишува за „Колибри“. Студентот Филип стана апсолвент, па дипломиран земјоделски инженер и продолжи да пишува за саканото „Колибри“. Инженерот денес е професор и сѐ уште пишува за „Колибри“.
Растев и се менував и јас, го калев новинарското перо, но и поетското, под будното око на уредничката Марија Таушанска Анастасовска, со која покрај соработници, станавме и семејство. Близината придонесе соработката да биде уште поуспешна, даде слобода да се разменуваат идеи, да се даваат мислења и да се укажува кога нешто не е како што треба.
Пишував во сите веќе постојни рубрики на „Колибри“, се вклучував во некои нови, а создавав и свои. Некои од нив доживуваа голем успех и читаност. Понекогаш „правев“ мали, но успешни „излети“ низ другите страници на весникот, во Култура, ЛИК, Економија, Магазин… Но секогаш му останав верен на „Колибри“, оти единствено „Колибри“ го чува будно и разиграно детето во мене.
Верувам дека постојам со мисија да ги создавам и да ги ширам убавите нешта, а „Колибри“ несомнено ми даде огромна можност да ги афирмирам талентираните учесници од цела Македонија, да пишувам за успешните и посветени просветни работници, да славам и да се радувам на нивните постигнувања и успеси, да потсетам на некои намерно или ненамерно заборавени автори за деца, да афирмирам десетици манифестации посветени на децата, да пишувам за многу библиотеки, училишта….
Всушност, преку „Колибри“, благословен сум со среќата да пишувам за она што го сакам. И по секој текст да станувам подобар автор и да се чувствувам посреќно поради среќата на оној за кого сум пишувал.

Првото интервју прочитано во авион

За потребите на „Колибри“ го направив и моето прво интервју со нашата омилена актерка Снежана Коневска-Руси, кое се сеќавам дека беше тоооолку долго, што беа потребни часови за да се среди за да може да биде објавено. Постои и една анегдота поврзана со ова мое прво интервју. Имено, по објавувањето, актерката отпатувала авионски на некој театарски ангажман, а кога го отворила „Колибри“ во авионот, некој колега актер од странство искоментирал: „Па вие мора да сте многу голема и популарна актерка штом ве има во дневен весник на цели две страници“. А нашата Снешка на тоа додала: „Баш чудно, за толку мала по раст актерка, толку големо интервју“.

„Колибри“ исплете прекрасни и долготрајни соработки и пријателства, нови познанства, креираше нови можности за развој и напредок. По многу години пауза, „Колибри“ го назначи книжевното враќање на писателката Нада Зафировска Матиќ, која како дете се радуваше на објавите секој вторник. Тука се и известувањата од „Детските Рацинови средби“, „Ракатки“, „Детските лирски треперења“, од книжевниот камп „Да бидам, да бидам“, писанијата за моите книжевни патувања од Вардар до Триглав, но и во Израел и во Бугарија.
Пишував за младите литературни творци и за сите афирматори на македонскиот јазик каде и да се, па така, на страниците првпат беше објавен текст за новооформената паралелка за изучување на македонскиот јазик со националните белези на културата во ОУ „Вељко Влаховиќ“ во Нови Сад, Србија.
Никако не може во еден текст да ги опфатите приказните за сите настанувања на текстовите, за соработките со познатите, за топлите текстови како оној за првите училишни денови и првите учителки на Андријана Јаневска, на Џокси, на Ивце Пивце, на Васил Зафирчев…, текстовите за книгите, разговорите со македонските писатели за деца Славка Арсова, Киро Донев, Горјан Петревски, Лила Арсова, Вера Андон…
Растев јас со „Колибри“, растеше и тоа со мене. Доживувавме промени. Некогаш бевме полетни, некогаш бевме задумани и зачудени, некогаш се запрашувавме… Но растевме заедно, растеме заедно. Среќа е да се лета со „Колибри“. Посакувам летот да продолжи!


Нераскинлива врска со децата и со сите што се грижат за нив!

На 6 јули во далечната 1958 година за првпат во „Нова Македонија“ се појави рубрика за најмладите читатели насловена „Колибри“, која подоцна прерасна во прилог на весникот, кој, еве, и денес излегува.
Прва уредничка и идеен творец на овој единствен додаток за најмладите во македонскиот дневен печат е поетесата Евгенија Шуплинова, која долги години со љубов го уредуваше прилогот, за што беше и повеќекратно наградувана.
По нејзиното пензионирање, поетот Перо Миленкоски ги осмислуваше страниците на „Колибри“, кое го читаа деца од цела Македонија, а неколку години и поетот Наум Попески ги уредуваше овие шарени страници за деца, кои потоа стануваа идни читатели на весникот.
Веќе дваесетина години уредничка на „Колибри“ е Марија Таушанска, која се труди да чекори по креативната патека што ја зацртаа нејзините претходници.
Но страниците на ова четиво за деца да бидат богати, информативни, читливи, едукативни и забавни се грижат и нашите соработници, новинарите од цела Македонија, наставниците и учениците, писателите, уметниците, библиотекарите и сите што се поврзани со детскиот свет. Секако, прилогот не би бил олку убав без учеството на цел синџир други соработници: техничките уредници, лекторите, фотографите, дистрибутерите…
И знаеме дека во вторник „Колибри“ е подарок во весникот и за децата, но и за сите што се грижат за нив и со својот ангажман им овозможуваат да имаат среќно и исполнето детство.
Ние едуцираме, информираме, промовираме, наградуваме… Доказ дека сме на вистинскиот пат сите овие години се успесите на талентите што своевремено ги краселе нашите страници на домашен, но и на меѓународен план. Затоа ќе продолжиме да им помагаме на сите надарени ученици од разни области да ја претстават својата умешност пред јавноста. Секако ќе продолжиме да соработуваме со сите релевантни детски манифестации во нашата земја, како и досега, и ќе поттикнуваме креативност.
Со еден збор, драги деца, ќе се трудиме детството и растењето со „Колибри“ да ви бидат пошарени и поисполнети, како и досега.
Затоа најубав роденденски подарок за нас ќе биде ако и во иднина нѐ читате, ни пишувате, нѐ повикувате да ве посетиме, зашто само така ќе го продолжиме заедничкиот лет, кој трае долго! Не, воопшто не сме уморни и имаме волја да подготвиме уште многу интересни броеви, зашто долгогодишната дружба со децата нѐ подмладува и постојано нѐ поттикнува да бараме нови содржини, кои ќе бидат по ваша мера.
Да сме живи и здрави и заедно да славиме уште многу родендени!
Ве сака вашето „Колибри“!