Вие ни јавувате
На крајот на учебната година, познатиот македонски писател за деца Перо Миленкоски, кој исто така беше и долгогодишен уредник на додатокот за деца „Колибри“ во дневниот весник „Нова Македонија“, се сретна со учениците од ОУ „Мирче Ацев“ во Скопје.
Секоја средба на писателите за деца со најмладите читатели е убаво доживување и за едните и за другите. Тоа е алеја од песни за сонцето, за птиците, за полето и гората… Ако кон тоа го додадеме и детското љубопитство преку разговор подлабоко да навлезат во тајните на литературата, на најубав начин се заокружува мозаикот од тие средби.
Таква творечка возбуда доживеаја и учениците од ОУ „Мирче Ацев“ од скопската општина Ѓорче Петров. Неодамна гостин им беше современиот македонски поет за деца и млади Перо Миленкоски. Тој им подари лирска низа од стихови за пролетта. По песните „Мај е лично насмеано дете“, „Птици“, „Убавец на пролетта“, „Ми подари птицата песна“ и други, следуваше разговор за творечката инспирација и употребата на зборот во повеќе негови значења (метафора, компарација, алегорија, персонификација и други). Најљубопитен притоа беше талентираниот седмоодделенец Горазд Трајковски, учесник и наградуван на повеќе литературни манифестации. Тој ја прочита својата песна наградена на поетската средба „Рекански порои“. Исто така тој рече дека во училиштето работат повеќе секции. Сите покажуваат успеси, а нагласи дека драмската секција, која подготви повеќе претстави, посебно беше наградена од многубројната публика во Домот на културата за изведбата на битовата драма „Бегалка“. Во неа учествуваа повеќе ученици, а улогата на Трајко му беше доделена на ученикот Андреј Лазарев од шесто одделение.
Во продолжение можете да прочитате песни од Перо Миленкоски и од ученикот Горазд Трајковски.
Андријана Анѓеловиќ Николовски, професорка по македонски јазик
Сончева везба
Се кроти рака во рака,
насмевки денот го златат,
се ројат желби ко птици
згрнати в сончеви јата.
Се топат во копнеж,
волшебен предел ги мами,
деца а чиниш бели
лебеди в езеро сами.
Се ткае сончева везба –
Украс на денот летен,
детството ѓердан е нежен
од топли трепети сплетен.
Се весели око во око,
бранче со бранче се гушка.
Две птици сами што беа
сега си најдоа друшка.
Златното клуче на јуни
Јуни ги затвора училиштата,
со клуче од злато
и кон езерата и реките
му го покажува патот,
на едно разлетано јато.
Изоравме нова бразда,
во најплодно поле,
светла како сонце,
лична како пролет.
На пат, благороден, долг
стигнавме до нова станица,
од книга, бескрајно мила,
прочитавме нова страница.
Сега во нас,
нова желба блика,
на игра и одмор,
летото нѐ вика.
Закитени со нежноста на росите,
ќе се тркаламе по откосите,
жедни за средби со изворите
ќе се ракуваме со горите,
во слатка игра со јагнињата
ќе им се радуваме на полињата,
радоста наша ќе броди
по сини сончеви води.
Перо Миленкоски
Жуборења од Радика
Зурли и тапан,
од далечина се слушаа.
Села скриени во густа шума,
дедо на внукот за Радика му дума.
– Таа бисерна река
единствена во светот
убавина, в карпа никнал цветот.
Пенлива и брза,
чиниш нешто зборува.
Жубор и птичја песна,
каменчиња во вода
во различни бои
орле на карпа гордо стои.
Вода бистра
како момина солза.
Ветре образи ни гали
шарени носии
на празник облечени големи и мали.
Покрај вода моми
расплеле коси,
песна пеат на дождец што роси.
По росата продираат
рекански порои.
Жубори, течи реко-
ако некој праша-
Ти си гордост наша!
Напишал: Горазд Трајковски,
ученик во седмо одделение во ОУ „Мирче Ацев“-Скопје