Иницијативи
Шеесет дечиња, кои посетуваат настава во ООУ „Ванчо Прке“ во Штип, во петокот имаа можност да дознаат нешто повеќе за светот на музиката, за инструментот гитара и дали е тешко да се свири на неа, од познатиот музичар и изработувач на инструменти Ивица Јорданов.
За тоа како оваа идеја се реализирала дознавме повеќе од одделенски наставник Миле Алексовски.
– Драго ми е што во нашето училиште почна реализацијата на оваа активност. Станува збор за проектот ,,Развивање љубов кај учениците кон уметностите и спортот како нивно хоби, но и запознавање со други професии преку позитивни примери на успешни и афирмирани луѓе од овие подрачја“, а идејата за негово иницирање потекна од еден неврзан разговор со Ивица Јорданв, кој е вистински феномен во музиката во Штип. Повикувајќи го да дојде и да им покаже на учениците како се свири на гитара, развивме и други идеи дека можат и други луѓе од нашето штипско поднебје да дојдат и да им послужат како пример на учениците, со цел преку разговор и демонстрација од нив учениците да добијат позитивен пример како треба да се градат како личности и дека пред сѐ треба да бидат добри и успешни луѓе. Потоа со наставничките Роза Стојева и Јулијана Читкушева од активот на второ одделение Б смена при ООУ,, Ванчо Прке“ – Штип ја разработивме идејата и ја вклопивме во часовите на воннаставни активности, според новата концепција на основното образование. Можам да кажам дека часот со Ивица беше повеќе и од успешен, а сите деца излегоа од училницата пресреќни и збогатени со уште едно искуство. Од сите 60 дечиња, барем шест да научат да свират на гитара може да кажеме дека сме направиле добра работа – ни рече наставникот Миле Алексовски.
Тој дополни дека проектот ќе се развива и во иднина.
– Но не застануваме тука и во план ни е секоја втора седмица кога сме втора смена да повикуваме и други луѓе, па и родители на нашите ученици што се докажани во спортот, уметностите, професијата, сѐ со цел трасирање на патот за учениците да станат пред сѐ добри луѓе, а потоа и успешни и професионални во професиите што ќе ги изберат во животот – вели Алексовски.
Ивица Јорданов исто така е презадоволен од средбата со учениците.
– Часот со учениците од нижите одделенија на ОУ „Вачо Прке“ мина многу убаво. Децата беа расположени, насмеани, љубопитни и на заминување ми
рекоа пак да дојдам. И наставниците со кои соработував одлично го реализираа проектот. Мислам дека уште од најмала возраст децата треба да се запознаат со спектар на различни занимања и да научат од мали нозе да имаат почит за сите. Се надевам дека оваа идеја ќе се прошири и во други училишта, не само во Штип туку и во целата земја. Зашто од најрана возраст треба да се научат учениците со почит да се однесуваат кон сите луѓе, без разлика дали се ѓубреџии, продавачи, музичари, лекари… Само така ќе израснат во личности со добар карактер, кои ги почитуваат и препознаваат вистинските вредности – посочи Ивица Јорданов.
М.Т.