Фото: „Нова Македонија“

Тематиката, ликовите и приказните треба да одговараат на возраста на детето, да се лесно разбирливи и привлечни. Ако во читањето внесете емоција и предизвикате љубопитност кај детето, тоа ќе биде наградено со најголемо достигнување – читањето ќе го заземе местото на телевизијата и компјутерот

Да се посее љубов кај детето кон книгите и кон читањето значи да му се даде богатство што ќе трае цел живот.
Со секоја прочитана книга кај детето се отвораат нови прозорци, а родителите се тие што треба да им помогнат на своите најмили да погледнат низ нив. Љубовта кон книгата се всадува уште од најмали нозе. Првиот допир со пишаниот збор детето може да го има уште во првите месеци, и тоа преку книгите што се пластифицирани и служат при бањање во кадичка.
Потоа, тука се книгите со дрвени страници, со подвижни шарени илустрации. Би било добро родителите да знаат кој им е омилен лик на децата од играчките и да најдат книга што е токму за тој лик. На тој начин ќе се привлече вниманието на детето, а истовремено ќе се развива дружбата со книгата, ќе му се овозможи на младиот читател да биде дел од авантури што будат фантазија, ги развиваат мислата и имагинацијата и допираат до емоционалниот свет на детето.
Возраста од две години е одлична за читање бајки и детски приказни. Но, внимавајте, тематиката, ликовите и приказните треба да одговараат на возраста на детето, да се лесно разбирливи и привлечни.
Ако во читањето внесете емоција и предизвикате љубопитност кај детето, тоа ќе биде наградено со најголемо достигнување – читањето ќе го заземе местото на телевизијата и компјутерот.
И кога љубовта кон книгата и читањето ќе никне во душата на вашето момченце или девојче, не заборавајте во секоја пригода да го израдувате вашето најмило со скапоцениот и посакуван подарок – најубавата книга. Ќе посака да ја чува и кога ќе стане возрасен да им ја пренесе на идните генерации.

М-р Катерина Спасовска Трпковска


Раскажување по слики

Раскажувањето по слики е добра основа најмладите да почнат да се дружат со книгата. Откако ќе им ја прочитате книгата, дозволете им на своите деца да ги гледаат сликите и да ја „прочитаат“ својата приказна. Немојте да ги поправате доколку нивната содржина не е иста со онаа од книгата. Напротив, бидете задоволни, бидејќи тоа е доказ дека фантазијата кај детето веќе е развиена, а со секоја наредна книга таа ќе се продлабочува уште повеќе.