Фото: приватна архива

Винг-чун, вештината со која ние се занимаваме и им ја пренесуваме на помладите генерации, во превод од кинески значи „вечна пролет“ или „вечна младост“, поточно упатува на долг и среќен живот во хармонија, вели сифу Мирослав Тодоровски

Средба со Мирослав Тодоровски, кунгфу-мајстор и тренер во вингчун-клубот „Вечна пролет“ од Скопје

Веќе три децении постои клубот за винг-чун кунг-фу „Вечна пролет“, а сифу, што на кинески значи кунгфу-мајстор и учител, е Мирослав-Мирко Тодоровски. Иако меѓу музичарите е познат како лидер на групата „Културно уметнички работници“, поддржувачите и промоторите на источните боречки вештини во Македонија и во регионот го знаат токму по успесите во кунгфу-натпреварите и презентацијата на овој спорт кај нас.
Кај Тодоровски интересот за далекоисточните боречки вештини се раѓа уште од најрана возраст, а во 1986 и официјално започнува да вежба винг-чун кунг-фу. Во 1993 г. го отвора својот прв клуб, а во 1998 г. станува инструктор. Во 2010 година ја комплетира вештината и станува експерт или сифу за винг-чун.
Тој е единствен професионален инструктор во Македонија и пошироко. Во рамките на кунг-фу професионално се занимава со акупресура и спортска масажа. Коосновач е на Македонската винг-чун кунг-фу федерација и на Македонската кик-бокс федерација. Сифу Мирко е еден од организаторите на првиот вингчун-семинар во Македонија, чиј гостин беше големиот мајстор Вилијам Чеунг, негов идол.
Токму Чеунг како тинејџер другарувал со големиот Брус Ли и лично му го претставил на неговиот иден учител Ип Мен, во Хонгконг.
Бидејќи „Колибри“ е прилог за деца и тинејџери, најпрво Мирослав го прашавме за бенефициите што децата ги имаат од упорното тренирање кунг-фу, за начинот на кој се изведуваат активностите, но и за тоа колку филмот „Кунг-фу панда“ го популаризирал овој спорт во светот?

Новата сезона во Вашиот клуб „Вечна пролет“ почна на вистинското место, на прославата на кинеската Нова година на 29 јануари.
– Токму така, со членовите на клубот бевме гости на прославата што по тој повод ја организираше кинеската амбасада во нашата земја. Според кинеската традиција, Нова година се нарекува и Пролетен фестивал, а оваа година, според кинескиот хороскоп, е во знакот на змија, која се нарекува и мал змеј, а симболизира мудрост и преродба. Винг-чун, вештината со која ние се занимаваме и им ја пренесуваме на помладите генерации, во превод од кинески значи „вечна пролет“ или „вечна младост“, поточно упатува на долг и среќен живот во хармонија.

Кажете ни нешто повеќе за вештината винг-чун и за нејзиното позитивно влијание на оние што ја практикуваат?
– Винг-чун е една од најмладите боречки вештини што излегла од манастирот „Шаолин“ (домот на сите боречки вештини), но во исто време таа е најдобра вештина, која претставува синтеза од сите дотогаш познати кунгфу-вештини. Целта на создавањето било да се создаде систем што ќе обединува сè што е потребно за да се создаде ултимативен борец. Борец што без разлика на своите физички предиспозиции ќе може да одговори на секаков предизвик, да ѝ се спротивстави на која било друга боречка вештина и да ја победи, рокот на нејзиното усовршување да се намали на најкраткиот можен преку употреба на уникатни методи на тренинг. Винг-чун ги има разработено сите аспекти и фази на борбата. Може да се употребува за самоодбрана, како и офанзивно за напад. Вештината претставува систем на знаења што се состои не само од борба туку и од хумани секојдневни здравствени техники, кои ги одржуваат телото и духот во здрава – исправна состојба. Така се применуваат јога, медитација, акупресура, кинеска традиционална медицина и подготовка на препарати на основа на билки и производи од природата. Нешто уникатно што се сретнува само во винг-чунот е и меридијанската терапија.

Експертите препорачуваат практикување винг-чун (кунг-фу) за одлична здравствена состојба уште од рана возраст. Кои се главните бенефиции?
– Пред сѐ тоа е физичка кондиција. Тренингот вклучува разновидни вежби што ги зголемуваат издржливоста, силата и еластичноста, што е одлично за здравјето на срцето и кардиоваскуларниот систем. Истовремено се подобрува и менталното здравје. Со вежбањето се подобруваат концентрацијата и дисциплината, што може да помогне во намалување на стресот, а се зголемува и самоконтролата. Техниките на винг-чун ги подобруваат телесниот баланс и координација, што е клучно за превенција на падови, а се подобрува и брзината на рефлексите.
Во суштина, винг-чун нуди целосен пристап кон здравјето, комбинирајќи физичка, ментална и социјална компонента, што го прави одличен избор за оние што сакаат да го подобрат своето здравје на различни начини.

Што е најважно во процесот на учењето?
– Учењето на техниката бара време, посветеност и секако добар учител, затоа што винг-чунот е цел систем и не се учи за две-три години. За самоодбрана може и по една година да имаш солидна основа, барем за основните удари и блокови, ама ако сакаш да напредуваш, освен техниките, ќе ти треба и солидна физичка подготовка. Секако најбитно е повторувањето на техниките и ударите до „совршенство“. Како резултат на тоа е создадена техника што се заснова на рамнотежа и балас на ставот, истовремена работа со двете раце, централна линија, спојување-координирање на работата со двете раце со нозете, развивање на внатрешната енергија чи преку посебни методи и вежби чи-кунг, економичност во движењата, што обезбедува зачувување на сопствената енергија, недавање отпор на силата на противникот т.е. никогаш не се практикува борење со силата на противникот туку нејзино искористување преку канализирање и пропуштање, со што се искористува силата на противникот против него.

Ваш идол во текот на совладувањето на вештината беше Вилијам Чеунг (84), кого имавте чест да го сретнете и да ги слушнете неговите совети. Кажете ни нешто повеќе за него?
– Вилијам Чеунг или Чеунг Чеук-Хинг е велемајстор на неговата лоза, традиционален винг-чун (ТВЦ). Тој, исто така, е шеф на Глобалната традиционална асоцијација на винг-чун кунг-фу (ГТВЦКФА), тело што санкционира на ТВЦ. Чеунг ја доби мастерс-наградата за животно дело во кунг-фу од Боречките вештини – Австралија. Јас со него најпрво се сретнав во Нови Сад, Србија, во 1990-та, а по четири години и во Париз, Франција. Мојот клуб го основав во 1993 година и сум еден од пионерите на ширењето на оваа вештина во Скопје. Напредувањето, односно полагањето на степените, 10 ученички и шест мајсторски, се случуваше во Скопје и во Солун, соседна Грција.

Претставете ни ги Вашиот клуб „Вечна пролет“ и неговите активности.
– Вежбаме во салата на мојата семејна куќа во Кисела Вода, од 2001 година. Со тоа остварив еден мој голем сон, а претходно работев во разни сали низ Скопје. Веќе 40 години сум ангажиран на ова поле и следам сѐ што е ново, особено она што е поврзано со едукација на деца и млади, кон што сум насочен. Во клубот членуваат 35 члена, од шест до 56 години, тренинзите се одвиваат трипати неделно, во вторник и четврток од 18 часот и во сабота во 11 часот. Заедно тренираат и машки и женски, облечени се во униформа, маица, специјални панталони долу фатени и шарени марами, во различна боја, зависно од степенот. Тренингот трае 45 минути. Детската група секогаш има од осум до десет члена.

Како им ја поттикнувате иницијативата на Вашите членови?
– Полагањето за степените, во јуни, како и настапите на турнирите и разните демонстрации се голем поттик за успех и напредок. По секој положен испит добиваат дипломи и соодветен појас. Интересно беше нашето учество на премиерата на филмот „Кунг-фу панда 4“, во соработката со „Пагода Мк.“, организација што промовира пријателство и културна соработка меѓу Македонија и источноазиските земји, преку организирање разни настани. Нашата презентација беше едукативна и атрактивна, како за возрасната така и за најмладата публика. Тоа беше прекрасен настан. На демонстрациите имавме банери, душеци, се создаде одлична атмосфера. Имавме лани летото и демонстрации на „Баскер фест“, под мотото „Деца за деца – надеж за иднината“, како и во паркот во Ѓорче Петров. Неодамна во „Лабораториум“, исто така во организација на „Пагода, Мк.“, се одржа „Шонен фест“, каде што покажавме што знаеме и умееме.

Учеството на турнири секако е голем предизвик, зарем не?
– Да, бидејќи на турнирите што ги организираме доаѓаат и спортисти од други држави, на пример од Украина, В. Британија, Египет, од целиот регион… Но ние исто така и гостуваме, па така, бевме дел од Четвртиот балкански интернационален кунгфу-камп одржан на Орлово Езеро, на 31 август и 1 септември лани, во Добој, Република Српска, што за нас беше позитивно и незаборавно искуство. Овој спорт не е многу масовен, па затоа овие размени на искуства за сите се особено значајни.


Како несмасната панда ја популаризираше кунгфу-вештината во светот?

„Кунг-фу панда“ (англиски: Kung Fu Panda) е американски анимиран филм од 2008 година. Филмот е во режија на Џон Стивенсон и Марк Озборн и продуциран од Мелиса Каб. Во главната улога се наоѓа Џек Блек како По (кунг-фу панда). Филмот е продуциран во студиото на „Дрим воркс анимејшн“ во Глендејл, Калифорнија, а дистрибуиран од „Парамоунт пикчерс“. За главните ликови, покрај Џек Блек како По, гласовите ги позајмиле Дастин Хофман, Анџелина Џоли, Луси Лу, Сет Роген, Дејвид Крос и Ијан Макшејн. Дејството е поставено во Античка Кина и се работи за дебелата џиновска панда, која сака да стане кунгфу-воин. Откако се предвидува дека многу страшен воин ќе избега од затвор, на По му е претскажано да стане Змејов воин, на негово големо изненадување, како и на разочарување на веќе искусните кунгфу-воини.
Иако концептот за „Кунг-фу панда“ бил планиран уште од 1993, работата на филмот не започнала сè до 2004. Идејата за филмот била зачната од Мајкл Леченс, извршител на „Дрим воркс анимејшн“. Филмот во почетокот бил планиран да биде пародија, но режисерот Стивенсон одлучил наместо тоа, да снима акционо-комичен филм со боречки вештини во духот на акционото кино на Хонгконг, кое го вклучува херојското патување на раскажувачки архетип за главниот лик. Компјутерската анимација во филмот е посложена од која било друга анимација досега. Како и со повеќето анимирани филмови на компанијата, Ханс Зимер (овој пат соработувајќи со Џон Повел) ја направил музиката за филмот. Тој ја посетил Кина за да ја апсорбира кинеската култура и да го запознае Меѓународниот кинески симфониски оркестар како дел од неговата подготовка.
„Кунг-фу панда“ премиерно се прикажуваше во САД на 1 јуни 2008 и оттогаш има добиено многу поволни критики. Досега се снимени четири продолженија.

Фото: приватна архива