Во изминативе неколку години овие талентирани млади луѓе ги видовме и како одлични храбри оратори, успешни рецитатори, креатори на повеќе кратки видеа со кои освојуваа највисоки државни награди. Ги гледавме во првонаградениот филм „Роза на асфалтот“ и во голем број театарски претстави во Македонија и во странство како високо ги подигнуваат освоените награди

Група талентирани матуранти од гимназијата „Добри Даскалов“ од Кавадарци го одбраа најубавиот начин да се разделат од училишните клупи и од нивната омилена професорка по македонски јазик Васка Петкова. Со театарската претстава „Татковиот дом“, адаптација од повеќе драми на Горан Стефановски, дел од матурантите го заокружија своето средношколско театарско искуство. Во изминативе неколку години ги видовме како одлични храбри оратори, успешни рецитатори, креатори на повеќе кратки видеа со кои освојуваа највисоки државни награди. Ги гледавме во првонаградениот филм „Роза на асфалтот“ и во голем број театарски претстави во Македонија и во странство како високо ги подигнуваат освоените награди и искрено се радуваат. Но најважно од сѐ е што ги видовме како големи хуманитарци, кои секогаш беа подготвени да помогнат таму каде што беше потребно. Нивното присуство беше многу значајно и во претставите на репертоарот на театарот при Домот на културата во Кавадарци каде што исто така го градеа своето актерско искуство и созреваа во прекрасни млади личности, кои со вистински емоции и сценска зрелост ги изговараа познатите реплики од драмските текстови на големиот Горан Стефановски.

Публиката во салата на домот на културата простум, со громогласен аплауз им се заблагодари за сите емоции што им ги подарија и за целата младешка професионалност со која го донесоа драмскиот текст насловен „Татковиот дом“ на сцената. И овој пат на нивната последна претстава како гимназијалци заедно со нив беше нивната професорка Васка Петковска под чие менторство ги освојуваа наградите и ги бранеа боите на гимназијата „Добри Даскалов“.
– Овие наши ученици, исклучителни млади таленти, се гордост на нашето училиште и на целиот град. Пораката што ја испратија со последната сцена во претставата е дека нема ништо посвето од татковиот дом, од почитта и љубовта кон семејството и дека нивната сила секогаш ќе биде во сплотеноста на семејството.Светлината на свеќите симболично ја означуваше храброста да се истрае, да се издржи и тогаш кога е најтешко. Со свртеноста на главните ликови кон корените, кон своето, кон македонското и преку актерската игра на овие младинци, оваа театарска претстава го испрати гласот на една младост што чекори кон нови животни успеси. Мислам дека долго ќе се памети изведбата на оваа претстава – вели професорката Васка Петкова.

На младите актери матуранти за чии успеси пишувавме во повеќе наврати на страниците на „Колибри“ им посакуваме многу успеси во понатамошното школување, а на професорката Васка Петкова успешно да продолжи и на идните генерации да им ја всадува љубовта кон македонскиот јазик и литература.