Од книгата „Бисерчиња од детски главчиња“ на Славка Арсова (8)
– Добар ден – го поздравува соседот Васил малиот Петар, сртенувајќи го пред влезот на зградата.
Петар не одговара.
Добар ден – по вторпат го поздравува соседот.
Петар пак молчи.
– Зошто не поздравуваш, малечок? Тоа не е културно!
– Извинете, јас сум културен, но со непознати не зборувам. Така ми рече мајка ми.
Коментар: Буквално запаметено. На децата треба убаво да им се објасни што е поздравување, а што разговор и како и кого треба да поздравуваат.
За авторката
Славка Арсова е поетеса и писателка за деца и млади. Родена е во Скопје, каде што завршила Филозофски факултет, а денес е професорка во пензија. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија.
Била членка на Претседателството на ДПМ во два наврати, претседателка на Здружението на просветни работници на РМ и претседателка и основачка на детскиот републички литературен фестивал „Ракатки“.
Добитничка е на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, награда на манифестацијата „Месец на липите“, наградата за животно дело на Здружението на просветни работници – литературни творци и други признанија.
Автор е на повеќе книги за возрасни, а за најмладите читатели ги издала: „Именијада“, „Да полетаме со птицата“, „Детски лажгосмешки“, „Имиња без презимиња“, „Детски ѓаволштини, „Дом на месечината“, „Зелениот брод“, „Мобилките пред пештерата“, „Волшебниот свет на децата“, романот „Солзите на Роска“ и „Бисерчиња од детски главчиња“ 1 и 2, од кои објавуваме делови.