Со филмот „Роза на асфалтот“ учениците испратија силна порака дека во овој свет нема место за поделби и оти сите имаат еднакво право. Преку филмот гимназијалците гласно им кажаа „не“ на поделбите, на предрасудите и на насилството и рекоа „да“ за живот во свет на еднакви можности. Тие веруваат дека во секое дете се крие некој гениј и порачаа дека не е важен статусниот симбол преку брендираната облека, туку тоа што го правиш и што го даваш од себе за да го направиш светот поубаво место за живеење
Учениците од гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци првонаградени на средношколски фестивал во Радовиш
Свечено, како на вистински филмски фестивал, пред преполната сала во домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци, неодамна учениците од гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци го претставија својот првонаграден филм на Средношколскиот филмски фестивал што се одржа во Радовиш. Станува збор за претставување кратки филмови снимени од ученици. Филмот е насловен „Роза на асфалтот“, режисер е Димитри Тодоров, а работен под менторство на професорката Васка Петкова.
Најпрво како увертира на проекцијата на филмот силно одекнаа моќните зборови на ораторите, кои никого не го оставија рамнодушен и покажаа колку е убаво да си средношколец, особено кога соништата се остваруваат. Проекцијата на филмот и обраќањето на сите ученици што работеа зад камерите – на музиката, главните актери и режисерот – направија една успешна приказна, која долго ќе се раскажува и ќе биде инспирација за сите ученици. Но во исто време тие беа и хумани. Под слоганот „Гимназијалците за својот гимназијалец“, собраните парични средства од продадените билети, како и паричната награда од освоеното прво место, ги донираа за лекување на Бошко Јанкулов, 19-годишно момче од Кавадарци, и од срце му посакаа да ја извојува најголемата битка – да победат животот и младоста.
Со филмот „Роза на асфалтот“ учениците испратија силна порака дека во овој свет нема место за поделби и оти сите имаат еднакво право. Го кренаа гласот на цела генерација, дека сакаат да живеат во еден поправеден свет. Розата во филмот е метафора за младото момче што живее со попреченост, а асфалтот е општеството, кое секојдневно го гази, не ја забележува неговата убавина и не го препознава прекрасниот мирис на цветот. Преку филмот гимназијалците гласно им кажаа „не“ на поделбите, на предрасудите и на насилството и рекоа „да“ за живот во свет на еднакви можности. Тие веруваат дека во секое дете се крие некој гениј и порачаа дека не е важен статусниот симбол преку брендираната облека, туку тоа што го правиш и што го даваш од себе за да го направиш светот поубаво место за живеење.
Во светот на филмот Режисерот на претставата Димитри Тодоров во своето обраќање откри дека желбата да ја проучува филмската уметност кај него се родила во периодот на пандемијата. Со часови читал, истражувал и учел за светот на филмот. Почнал да вложува во своето образование, да напредува, да навлегува во светот на режијата, снимањето кадри, употребата на камера, светла и на крајот во монтажата. Минатата година, кога го започнал средното образование, за првпат направил краток филм заедно со тројца негови пријатели и освоил трета награда. Тоа му дало поттик уште повеќе да ги проширува своите хоризонти.
– Особено сум горд и полн со емоции кога стојам денес овде и од името на целата генерација, а и на целото училиште, ја носам пораката дека кога пристапуваш кон некоја цел со огромна љубов, ентузијазам, знаење и желба, тогаш успехот е неминовен. Им благодарам на сите што учествуваа во подготвувањето на филмот, бидејќи секој, без разлика каква улога имаше, даде еднаков придонес. Но колку и да е убав филмот како финален производ, јас сметам дека магијата е токму во тој процес на создавање на филмот, сите направени грешки, сите повторени сцени, сите организирања и договарања, часови на пишување и монтирање до раните утрински часови. Најголема благодарност од целата наша екипа до професорката Васка Петкова, која беше со нас уште од првиот ден. Таа е причината што минатата година воопшто се нафативме да го работиме филмот иако тогаш бевме само тројца. Таа беше со нас секогаш, со совети за изработка на подобро сценарио, со желба да успееме, да истражиме нови простори и да освоиме нови врвови. Затоа, за крај, поддржувајте ги проектите на младите, заедно градиме поубаво општество, ние од вас учиме, а вие треба да се гордеете со нас -рече во своето обраќање режисерот на филмот, ученикот Димитри Тодоров.
Аплауз за професорката
Од многубројната екипа што учествуваше во снимањето на филмот, покрај режисерот Димитри Тодоров, ги издвојуваме: Гордана Клинчарова – креативна директорка, Васил Трајков – актер и продуцент, Владимир Костов – директор на фотографија, како и актерите Александар Стојков, Ристе Стојанов, Тијана Мајсторчева и Ана Лазароска.
На крајот од проекцијата на филмот најгласен аплауз доби нивната професорката Васка Петкова.
– Преку овој проект ги славиме младоста, ентузијазмот, посветеноста, мотивираноста, другарството и сплотеноста преку кои учеа, растеа и созреваа. Нашите гимназијалци од „Добри Даскалов“ се познати по својата иновативност и креативност. Покрај многубројните награди на државни натпревари, годинава група ученици се закитија со наградата за најдобар филм во категоријата краток експериментален филм. Можам само да кажам дека заедно со учениците го пишувавме сценариото за филмот, а филмот го работевме околу два месеца, во што учествуваа 80 гимназијалци од втора година. Последната порака во филмот е од писателот Пауло Коелјо: „Светот ќе биде подобар или полош во зависност од тоа дали ние ќе станеме подобри или полоши“. Навистина се гордеам со нив и се радувам на успехот на моите креативни ученици – рече Петкова.