ИЗБРАНИ НАЈДОБРИТЕ РАКОПИСИ, ПЕСНИ И РЕЦИТАЦИИ ВО ПРИЛЕП
Минатиот вторник во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп ечеше од стихови, зборови и ноти, украсени со насмевки и радост од страна на многубројните учесници на годинашните традиционални општински натпревари за најдобар ракопис, за најдобра лична творба и за најдобра рецитација.
Станува збор за конкурс што со години го организира библиотеката „Борка Талески“ во Прилеп, по повод Месецот на книгата, чија цел е поттикнување на творештвото кај децата и развој на нивните таленти, дарби и способности. Од пред неколку години, освен традиционалните награди за најдобра лична творба и за најдобра рецитација, воведен е и натпреварот за најдобар ракопис-краснопис, за да се промовира убавото пишување и да се истакне неговата важност во развојот на младите, особено во оваа дигитална ера во која живееме. Директорката на библиотеката, м-р Моника Талеска, појасни дека заедно со својот тим постојано работат кон унапредување на овој конкурс, но и воопшто кон што подобро и поголемо преставување на светот на зборот пред децата и младите.
Годинава заедно со сите вработени направивме концепт со кој сакавме да му дадеме поголемо значење на овој настан, а тоа да биде и поголем поттик на младите креативци. Затоа целиот конкурс се одвиваше во повеќе етапи според категориите, а сето тоа го заокружуваме денес со богата културно-забавна програма, во која се вклучени речиси сите училишта од Прилеп – истакна Талеска.
Натпреварот за краснопис ги опфаќа учениците од трето до петто одделение, а на натпреварите за рецитација и за лична творба учествуваа ученици од сите години на основното и средното образование. Најмасовно учество имаа учениците од нижите одделенија на основното образование, но во секој случај општ впечаток е дека интересот за овие натпревари секоја година е голем.
Комисиите беа составени од поети и писатели, наставници по македонски јазик, одделенски наставници и стручни соработници од библиотеката. Претседатели и членови на комисиите беа: Сузана Николоска, Македонска Тошеска Костадиноска, Еленче Ташковска, Емона Јованоска, Габриела Стојаноска Станоеска, Светлана Китаноска, Силвија Илиеска, Моника Талеска, Петар Петрески, Дарко Ристески и Филип Димкоски.
На свеченото доделување на наградите се почувствува предновогодишната атмосфера благодарение на убавиот празничен амбиент во големата сала на библиотеката, но и на музичките точки изведени од солистите од гимназијата „Мирче Ацев“, под менторство на д-р Татјана Ивановска, како и на хорот од ООУ „Климент Охридски“, под водство на професорката Маја Џопа, и секако на прекрасните изведби од првонаградените поети и рецитатори. Освен благодарници и книги, учениците добија и училиштен прибор што ќе им користи во учењето, како и пригодни подароци од општествено одговорната компанија „Витаминка“.
Талеска во име на библиотеката им се заблагодари на сите помагатели на овој настан, особено на училиштата од градот, за долгогодишната соработка и заемната поддршка.
– Со статуетки со ликот на нашиот патрон Борка Талески им се заблагодаруваме на сите основни и средни училишта и сметам дека само со заедничка културно-образовна стратегија ќе создадеме и пренесеме вистински вредности за генерациите што доаѓаат по нас – рече Талеска.
Ф.Д.
Првонаградени
Резултати од одржан натпревар за најдобар ракопис – краснопис:
1. ПРВО МЕСТО – Ангелина Илијоска III одделение
ООУ „Рампо Левката“, Прилеп
Менторка Бисера Вишиноска
Резултати од одржан натпревар за избор на најдобра рецитација во категоријата од I до V одделение:
ПРВО МЕСТО
– Бисера Ангелеска V одделение
ООУ „Блаже Конески“, Прилеп
Менторка: Снежана Магероска
Резултати од одржан натпревар за избор на најдобра рецитација во категоријата од VI до IX одделение:
ПРВО МЕСТО – Ивана Паскоска
VIII одделение
ООУ „Климент Охридски“, Прилеп
Менторка: Јулијана Талеска
Резултати од одржан натпревар за избор на најдобра рецитација во категоријата средни училишта:
ПРВО МЕСТО – Софија Оџаклиеска
II година
СОУ „Мирче Ацев“, Прилеп
Ментор: Дарко Ристески
Резултати од одржан натпревар за избор на најдобра лична творба (песна) во категоријата од VI до IX одделение:
ПРВО МЕСТО – Тадеј Велјаноски VIII одделение ООУ „Кочо Рацин“, Прилеп
Менторка: Габриела Стојаноска
-Станоеска
Резултати од одржан натпревар за избор на најдобра лична творба (песна) на ученици од средните училишта во општината Прилеп:
ПРВО МЕСТО – Теодора Тунеска II клас
СОУ „Ристе Ристески-Ричко“, Прилеп
Менторка: Елена Дамјаноска
Комисијата за избор на најдобра лична творба (песна) за учениците од II до V одделение во општината Прилеп, на 4.12.2023 г.
ПРВО МЕСТО
Даријан Дукоски IV oдделение
ООУ „Блаже Конески“
Менторка: Весна Конеска