Фото: Архива на фестивалот

Од 17 до 21 септември во Прилеп по петти пат се одржа театарски фестивал за млади

Петтото издание на театарскиот фестивал за деца и млади „Силјан Штркот“, кој се одржа во Прилеп од 17 до 21 септември, на многубројната публика и овој пат ѝ понуди можност да ја почувствува магијата на театарот. Децата уживаа една недела во петте претстави што беа на фестивалската програма.
Фестивалот почна минатиот вторник со претставата „Убавицата и ѕверот“ на МТП-Прилеп, која, како и другите, се одржа во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Следуваа „Чернодрински се враќа дома“ на МТЦ „Зона“, „Бременските музиканти“ на театарот „Бабец“ од Битола, како и нивната младинска претстава „Сомнително лице“, а Театарот од Штип настапи со „Книголандија“. Дополнително, беа организирани работилници што имаа цел да им помогнат на децата да се запознаат со уметничките елементи за создавање театарска претстава. Програмата беше заокружена со забава за целото семејство со „Бенд 5+“
Театарот е прозорец кон светот на имагинацијата и креативноста. Преку претставите децата учат да размислуваат критички, да развиваат емпатија и да ги истражуваат различните аспекти на животот, велат наставниците од основните училишта, кои дојдоа со своите ученици да ги проследат претставите.
– Театарски фестивал за деца „Силјан Штркот“, ви благодариме што на дечињата им го збогативте светот со нови приказни, емоции и инспирација! Нивните насмевки по претставите се најголем доказ за тоа колку е важно и вредно она што го правите. Фестивалот носи вредности што не се забораваат. Прилеп е театарски град, го има фестивалот „Војдан Чернодрински“, има низа актери што дале многу за театарот и таа традиција треба да продолжи – напиша на социјалната мрежа Фејсбук наставничката Јулијана Талеска.
Организатори на фестивалот се Здружението за култура, уметност и социјално претприемаштво од Прилеп и актерките Марија Спиркоска Илијеска и Ангела Наумоска, а фестивалот беше поддржан од Министерството за култура и од Општина Прилеп.
– Веќе пет години театарскиот фестивал „Силјан Штркот“ претставува значаен културен настан што го збогатува културниот живот на најмладите. Фестивалот придонесува за развој на децата, збогатувајќи ги нивните образовни и креативни способности, социјални вештини, емотивна интелигенција и критичко размислување – вели Спиркоска Илијеска.
Исто така, фестивалот е важен за продолжувањето на традицијата на промовирање на детскиот театар.
– Секојдневно организираме посети на градинки за да ги вклучиме најмалите во интерактивни активности и игри. Работилниците што ги нудиме годинава опфаќаат различни уметнички дисциплини, како танц, ликовна уметност и драмска култура, со цел да ги запознаеме децата со основните принципи на уметноста – дополни Ангела Наумоска.

Ка.М.