Во „Колибри“ објавуваме делови од книгата „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ на познатиот македонски писател за деца Киро Донев. И ова дело на мајсторот на римите е ведра, интересна и поучна книга, а преку белешките на сестричката и братчето, двајцата палавковци, ќе можете да ѕирнете во нивниот шарен свет, понешто да научите, да се насмеете и со нетрпение да го очекувате секој нареден број на вашето омилено четиво

Низ страниците на македонската литература за деца. „Од дневникот на Васко Пикаско
и Зорка Сештозборка“ на Киро Донев (2)

Имам супер наставничка. Од неа понепредвидлива нема!
Денес, замислете си, за писмена ни даде една ваква тема: „Што мислам за себе…“
– Ученици – рече – можеби темава ви звучи малку загадочно или чудно. Знаете, цели четири години јас секого од вас го следам многу будно. Значи, си имам стекнато мислење за секој од вас. Ама, сепак, сакам на овој час и самите себеси писмено да се претставите. Со тоа, пак, ќе го потврдите моето мислење, или во нешто ќе ме поправите… Верувам дека тоа најискрено ќе го сторите. Пишете слободно, не се за оценка одговорите. Писмените ќе ги прочитам со посебно внимание, зашто сакам за вас да имам – најточно сознание….
Навистина не знам зошто од нас ова написмено го сака, ама јас „најискрено“ ѝ се претставив вака:
„Мудроста, велат возрасните, доаѓа со годините. Но јас, наставничке, не мислам така. Да ми извините… Зошто само возрасните да ја имаат таа привилегија?! Зар за тоа е потребна некоја посебна стратегија? И зар секој мора да мине низ ‘сито и решето’, па да биде човек – најмудар на светот?!
Јас на пример, наставничке, сѐ уште сум дете. Ама, ете… Мислам дека и ум и мудрост за ‘извоз’ имам! Што значи дека совети не сакам да примам… И тоа ми се случува кога некој проблем самиот не можам да го решам. И јас сум човек, и човечки е да грешам…
Но и тоа ретко, многу ретко ми се случува. Зашто јас најчесто – другите ги подучувам! Совети им давам. А кога за нешто и самиот не знам што да правам, воопшто не се плашам. Тука се тато и дедо – нив за совет ќе ги прашам! Велат:
фалбата е ‘рѓа, а скромноста – злато!
И за тоа – во сѐ сум си на тато! Но и тој пак – во сѐ си личи на дедо. Оти, нели – тој нему му е чедо…
Од сево ова досега кажано, можете да заклучите: како едно и едно што прават две, и јас сум како секое друго дете, ама – со педигре!
Е па, наставничке, на ова што велите?
Зар не сум совршено дете на родителите?!“
Вашиот Васко Пикаско